• петок, 22 ноември 2024

Осигурителната компанија „Лојдс“ очекува големи барања за отштета поради војната во Украина

Осигурителната компанија „Лојдс“ очекува големи барања за отштета поради војната во Украина
Лондон, 24 март 2022 (МИА) - Лондонски „Лојдс“ во четвртокот објави дека годинава ќе се соочи со голем број барања за компензација на штета, поврзани со руската инвазија во Укрaина, истакнувајќи ја авијaцијата меѓу погодените сектори.
Лондонскиот пазар на комерцијално осигурување бара од своите членови детали за изложеноста на конфликтот, изјави претседателот на „Лојдс“, Брус Карнеги-Браун, додавајќи дека е премногу рано да се даде проценка за висината на загубата. 
„Лојдс“ има околу 100 членки кои „покриваат“ сложени ризици, поврзани со, на пример, авиони, бродови и нафтени платформи.
Руската инвазија на Украина и санкциите наметнати од Запад би можеле да предизвикаат особено големи загуби меѓу осигурителните компании во воздухопловството.
Глобалните компании за лизинг наскоро им истекува рокот, според санкциите, мораат од руските авиопревозници да обезбедат поврат од над 400 авиони, вредни речиси десет милијарди долари. Аналитичарите оценуваат дека правните спорови меѓу авиопревозниците, компаниите за лизинг и осигурување би можеле да траат и десетина години.
„Лојдс“ објави дека бизнисот осигуран во Украина, Русија и Белорусија претставува помалку од еден процент од нивното вкупно работење. „Што се однесува до нашата директна изложеност, таа е доста ниска. Секундарните последици се далеку поголем проблем, а меѓу нив сигурно ќе биде и авијација“, рече Карнеги-Браун и додаде дека во овој сегмент крајните последици ќе бидат значајни.
Некои осигурителни полиси се активираат со војна, а некои не покриваат војна, па изложеноста е тешко да се пресмета, додава тој. Осигурениците ги информираа осигурителите за веројатните барања за плаќање, но сè уште не ги поднеле, истакна тој.
Пандемијата на Ковид-19 силно го погоди „Лојдс“ во 2020 година, но пазарот закрепна минатата година откако ги зголеми премиите и го стави вирусот од полиците. Тие ја затворија минатата година со добивка пред оданочување од 2,3 милијарди фунти (3,04 милијарди долари), по загуба од 900 милиони фунти во 2020 година. аа/

Остани поврзан