• петок, 05 декември 2025

Осветени темелите на новата православна црква во кочанското село Бели

Осветени темелите на новата православна црква во кочанското село Бели
Кочани, 28 март 2021 (МИА) - Митрополитот брегалнички Иларион во сослужение на свештеници од Брегалничката епархија, попладнево ги освети темелите на новиот православен храм „Св. Спас“ во кочанското село Бели. Објектот ќе се гради врз основата на поранешниот верски објект што беше срушен поради оштетувањата и дотраеноста на материјалот, а според планскиот проект ќе ги задржи истите димензии, со површина од околу сто квадратни метри. - Овој храм да носи радост на сите луѓе овде, каде многумина, не само што ќе се соединуваат со Бога, ќе ги примаат светите тајни за брак и крштевање, туку да биде и место каде ќе се примаат покајанието и молитвите. Нека тој им подари здравје и сила, кроткост и мудрост на сите жители за секаков напредок. Сите вие, со божја помош ќе го изградите храмот и ќе му го подарите на Бога како најголем дар, а по неговото завршување сите заедно да станеме жив храм, како што проповедал апостолот Павле, истакна митрополитот Иларион. Надворешниот изглед на новата црква „Св. Спас“ ќе биде сличен на претходниот објект, но ќе се додаде една купола на покривната конструкција, што ќе ја подобри естетиката и функционалноста, односно осветлувањето на внатрешноста. Според првичните проценки, се очекува дека изградбата на храмот ќе чини околу 120 илјади евра, за што црковниот одбор претходно донесе одлука секое домаќинство да учествува со сопствена донација годишно ниво сѐ додека се одвиваат градежните работи. Исто така, се очекува финансиска поддршка да се обезбеди од иселениците во дијаспората и во другите места во државата, како и од локалниот бизнис сектор. та/сп/

Остани поврзан