Осветена новата црква Св. Јован Крстител во Велес
- Повардарска Епархија во присуство на бројни православни верници денеска свечено ја освети новоизградената фрескоживописана црква „Свети Јован Крстител“ во месноста „Багремче“ во новиот дел на
Велес, 23 октомври 2022 (МИА) - Повардарска Епархија во присуство на бројни православни верници денеска свечено ја освети новоизградената фрескоживописана црква „Свети Јован Крстител“ во месноста „Багремче“ во новиот дел на Велес, лоцирана во еден дел од поранешниот двор на велешката касарна.
Чинот на осветување започна со Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на Митополититот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј и бројно свештенство на Повардарската епархија.Пред присутните верници се обрати Владиката Повардарски Г.Агатангел.
По овој свет чин во изјава за МИА, Митрополитот Повардарски Агатангел, за значењето на оваа новоизградена велешка црква во најновиот густо населен дел на Велес, информира дека поминааа 11 години откако Повардарската Епархија размислуваше за изградба на нова црква во овој дел од градот бидејќи голем дел на македонско население живее на оваа страна на Велес.
-Бог не просвети дека на овој народ е потребен еден духовен центар, кој ќе ги задоволува сите духовни потреби. И еве после толку многу години и поминати многу фази и барања за нејзина изградба до надлежните министерства и останати институции во нашата македонска држава еве денеска успеавме и ја изградивме. Денеска исполнети со голема радост со сите велешани се радуваме заедно затоа што уште едно духовно катче македонско во Велес никна и сега воскресна. Затоа јас сум многу радосен бидејќи ова е веќе четврта нова црква во Велес откако ја градиме, а сите други ги обновивме, потенцира митрополитот Повардарски Агатангел.
На чинот на денешното осветување, синоќа му претходеше Празнична вечерна Богослужба на која богослужеше Митрополитот Повардарски Агатангел со бројното свештенство.
Изградбата на црквата заврши во јануари 2020 години,а се градеше 4,5 години, почнувајќи од 30 август 2015 година кога беше осветен камен-темелник. Во изминатите скоро три години со извесни прекини, црквата беше живописана од двајцата велешки фрескоживописци Велко Свеќаров и Гоце Василески.
Во рамки на црковниот комплекс изградена е и камбанарија, на која се поставени три камбани, како и црковно-административни простории, а изграден е и параклис посветен на „Свети Агатангел Битолски“.
Оваа најнова црква во Велес се изгради со средства на Повардарската Епархија како и со доброволни прилози на православните верници.
Патрон на оваа најнова велешка црква ќе биде 20 јануари денот на Собор на Св. Јован Крстител. ад/нд/