• недела, 22 декември 2024

Орбан: Мора да спречиме Европа да влезе во војна со Русија

Орбан: Мора да спречиме Европа да влезе во војна со Русија

Будимпешта, 1 јуни 2024 (МИА)  - Унгарија сака да ја спречи Европа да влезе во војна со Русија, изјави денеска премиерот Виктор Орбан на митингот „Марш на мирот“ во Будимпешта и порача дека Унгарците нема да гинат за другите.

-Имаме огромна задача пред нас, каква што никогаш не сме имале. Мораме да ја спречиме Европа да влезе во војна што ќе доведе до нејзино уништување, рече Орбан на митингот „Марш на мирот“ во Будимпешта за поддршка на политиката на унгарската Влада против ширењето на конфликтот во Украина.

Унгарскиот премиер оцени дека денеска Европа се подготвува за војна, дека секој ден во Украина се слеваат стотици милијарди евра, нуклеарно оружје се става среде Европа.

 -Се чини дека нема сопирачки во провоениот воз, а машиновозачот полудел, рече Орбан, додавајќи дека мора да се повлече сопирачката за итни случаи за да можат барем оние што сакаат да излезат од него и да останат надвор од војната.

Орбан зборуваше и за тоа како Унгарија сега е посилна од кога било во последните сто години, дека претставува мирен и силен остров во средината на Европа, но дека клучното прашање е дали ќе се откаже од мирот.

-Ние нема да одиме во војна и нема да гинеме за другите на туѓо тло, рече Орбан, пренесе Индекс.хр.

Тој додаде дека не смее да се дозволи спроведување на опасните планови на ЕУ и НАТО, кои водат до ширење на конфликтот во Украина и ги повика граѓаните на претстојните избори да гласаат за партии кои се залагаат за мир, а не за војна за Европскиот парламент. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан