• петок, 05 декември 2025
Општински пул

20 ноември 2025 

Штип – Во штипскиот Апелациски суд денеска со силно полициско обезбедување беа спроведени обвинетите за убиството на турскиот државјанин на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип. Обвинитети се донесени во судот, кој постапувал по жалба на обвинитети за мерката притвор. Од Апелациониот суд во Штип за МИА потврдуваат дека жалбата е  разгледана и на обвинетите им продолжува мерката притвор.

Инаку на 27 ноември во 9.30 во Основниот суд во Штип е закажано судење на обвинетиот турски државјанин, кој го извршил убиството и за лицата кои му помагале во извршивувањето и обидот за бегство. На 4 октомври од страна на Основното јавно обвинителство-Штип беше поднесено обвинението.

Во него пишува дека по спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Штип поднесе Обвинителен акт за петмина турски државјани инволвирани во убиството на Енес Оздемир од Турција во мај годинава.

Куманово - Традиционалната Меѓународна изложба на уметничка фотографија „Фото Салон Куманово 2025“ во организација на Фото киноклуб „Козјак“ ќе биде отворена вечер со почеток во 19 часот во Уметничката галерија Куманово.

- Клубот и овој пат ги собра фотографиите на нашите и странските автори, на традиционалната меѓународна изложба на уметничка фотографија Фото салон Куманово 2025. Учесниците имаа можност да се претстават во слободна тема. Бурното време во коешто живееме, потполната дигитализација и брзиот развој на технологијата им дозволува на фотографите да бидат сведоци на историјата која се одигрува пред нивните фотоапарати. Затоа Фото Кино клуб „Козјак“ и годинава традиционално ја организира најстарата меѓународната изложба во Македонија, Фото салон 2025, соопштија организаторите.

На натпреварот учествуваа 127 автори од дванаесет земји од целиот свет. Жирито во состав на Радисав Филиповиќ (Србија), Михаел Кацафура (Словенија), Борис Божиќ (Австрија), Неда Рачки (Хрватска) и Боро Рудиќ (Македонија) на изложбата доделија 18 награди од кои 9 медали и 9 дипломи за фотографии, а за најдобар автор на изложбата беше прогласен Олег Маловитски од Украина.

Кочани - Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток“ – Кочани, во рамки на проектот „ Зајакнување на соработката за локално влијание врз јавните политики за справување со отпад во Општина Кочани “, синоќа во ЦК „Бели мугри“ во Кочани организираше Јавна трибина на тема: „Намалување на отпадот со цел заштита на животната средина – примена на законски регулативи за намалување на депонирање на отпадот“.

Главна цел за одржување на овој настан е подобрување на информираноста, транспарентноста и учеството на граѓаните и институциите во справувањето со неопасен отпад, како и јакнење на владеењето на правото во областа на животната средина преку поефикасно административно и кривично спроведување, во согласност со европските стандарди и Зелената агенда за Западен Балкан.

Tетово -  Фото групата „Чкрап!“ од Тетово со традиционална годишна изложба на своите членови ги претставува пред јавноста дел од фотографиите направени во текот на 2025 година. Во концертната сала на Музеј на тетовски крај (Дом АРМ) од вчера се изложени 50 фотографии на слободна тема и техника на 17 нивни членови. Фотографиите ќе бидат изложени една недела. 

-Фото Групата „Чкрап!“ е вистинско олицетворение на оваа изјава на големиот американски фотограф Елиот Ервит (1928-2023), бидејќи таа љубов кон фотографијата ја докажуваме повеќе од две децении, а годинашнава изложба всушност е само продолжение на една традиција која ние ја негуваме сиве овие години. Тоа е приказна за упорноста, за љубовта кон уметноста и за заедништвото.  И токму поради ова слободно може да се каже дека „Чкрап!“ е повеќе од една обична група фотографи, тоа е заедница на пријатели и пријателки кои ја делат истата љубов кон фотографијата, кои не доаѓаат само од Тетово,  туку ги има и од други градови од Македонија, па дури и од САД, Чешка, Германија, Холандија и други земји, група во која има возрасни и искусни членови, но и оние кои сега ги прават првите значајни чекори во фотографијата. А тоа што обединува една ваква хетерогена група фотографи е ентузијазмот и вербата дека фотографијата е вредна да се создава и споделува, без оглед на условите бидејќи само така таа може да ја добие вистинската вредност, изјави Зоран Андонов, член на групата. 

Гевгелија - Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, вечер во хотел „Аполонија“, ќе се одржи свечен концерт по повод дваесет и пет годишниот јубилеј на Здружението на граѓани „Музички моменти“- Гевгелија, кое изминатите две и пол децении остава значајна трага врз културниот и музичкиот живот во градот, соопштија од локалната самоуправа.

Се наведува дека вечерта ќе ја одбележат настапи на еминентни македонски уметници-сопранистката Весна Гиновска Илкова и баритонот Горан Начевски ќе ги интерпретираат своите програмски избори во заеднички настапи, пијанистката Елена Атанасовска Ивановска ќе се претстави со самостоен пијано-рецитал, додека Лазар Соколов и Емилија Кабранова Филипова ќе настапат заедно во дуо програма. Флејтистот Страшо Темков ќе изведе самостоен солистички настап, а виолинистот Момчило Куфојанакис ќе настапи во придружба на пијанистката Весна Ангелова Христов, претставувајќи дела од богатата виолинска литература.

Струмица - „Ротари Клуб Струмица“ вечер организира настан „MOVEMBER - едукативна трибина за машкото здравје“, кој ќе се одржи во Младинскиот центар.

Организаторите информираат дека настанот е дел од глобалната Movember иницијатива, чија цел е подигнување на јавната свест за машкото здравје, особено во делот на превенцијата и раното откривање на заболувања, како што се ракот на простата и проблемите со репродуктивното и хормоналното здравје.

Главен говорник на трибината ќе биде д-р спец. уролог Софче Митковска Милкова, која ќе презентира практични совети и информации поврзани со превенција и рано препознавање на рак на простата, машка плодност и хормонално здравје, важноста на редовните уролошки прегледи и здрави навики и современи медицински пристапи.

Организаторите истакнуваат дека настанот е бесплатен и отворен за сите заинтересирани граѓани со цел што повеќе мажи да се охрабрат да разговараат за своето здравје и да преземат навремени превентивни чекори.

Битола - Нема поголеми проблеми со надојдените води на реката Драгор во Битола и битолско, ниту со надојдените водотеци во околината на општината, потврдија за МИА од општинскиот Кризен штаб.

Во текот на ноќта, превентивна механизација беше поставена кај селата Лажец, Карамани и Долно Оризари, а така ќе биде и во текот на денешниот ден, соопштија од Општина Битола.

Реката Драгор во централното градско подрачје иако со висок водостој, не предизвика проблеми. Општинскиот Кризен штаб е во постојана комуникација, а денеска и ќе заседава.

Куманово - Пожарникарите од Старо Нагоричане спасија куче кое паднало во шахта во двор на основно училиште, информираа денеска од Територијалната противпожарна единица.

Случајот го пријавиле вработените од училиштето од Младо Нагоричане денеска во 10 часот.

- Во основното училиште во село Младо Нагоричане (маала Ѓорговци) по повик од вработени во училиштето за паднато куче во длабока шахта, ТППЕ Старо Нагоричане интервенираше со едно возило и двајца пожарникари до 11:00 часот, информираа од ТППЕ Старо Нагоричане. 

Скопје - Со цел да се обезбеди проточност на каналската мрежа од почетокот на годината досега исчистени се околу 23 километри, отворени одводни канали што се наоѓаат на територија на општина Илинден, во соработка со АД Водостопанство „Скопско Поле“.

Во изминатиот период се изврши машинско чистење на Сисавец на Главен канал, горна зона во должина од 2300 метри, од влезот на обиколницата кон Белви, потоа извршено е машинско чистење на Главен канал од делот со правните субјекти на улица „32“ кон автопатот, железничката пруга и централниот дел на Илинден во должина од 700 метри, Ободен канал во н.м. Илинден во должина од 2500 метри од локалната економска зона Стопански комплекс Илинден кон локалната економска зона Карагач.

Согласно предвидената динамика во тек е машинско чистење на Сува река во н.м. Миладиновци која ќе продолжи кон населените места Текија и Дељадровци во должина од 4000 метри.

Остани поврзан