Општина Маврово и Ростуше очекува идната година да ја посетат над 10 илјади странски туристи
- Општина Маврово и Ростуше подготвува стратешки план за туристички бум, со кој очекува мавровско-реканскиот регион, идната година, да го посетат над 10 илјади странски туристи, информираше за МИА, Фикрет Ибраими, советник за односи со јавноста во општината.
Дебар, 23 декември 2025 (МИА) - Општина Маврово и Ростуше подготвува стратешки план за туристички бум, со кој очекува мавровско-реканскиот регион, идната година, да го посетат над 10 илјади странски туристи, информираше за МИА, Фикрет Ибраими, советник за односи со јавноста во општината.
-Во тие рамки повереникот за надележности на градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, одржа работна средба со претставници на реномираниот Македонски туроператор „DMC Balkans & Europe“, како и со делегација на водечки туроператори од Азискиот континент. Главна тема на средбата беше воспоставување долгорочна соработка за промоција на овој регион на азиските пазари, вели Ибраими.

Според него стратешкиот проект има за цел максимална исполнетост на хотелските капацитети и приватните сместувачки објекти во текот на целата година (преку сите четири сезони), економски развој на локалните бизниси и поддршка за угостителите во регионот и глобална промоција на природните убавини во Маврово и богатата културно-историска традиција на реканскиот крај.
-Мавровско-реканскиот регион поседува уникатен потенцијал кој е исклучително привлечен за туристите од Азија. Нашата цел е преку вакви партнерства да обезбедиме континуиран прилив на гости, што ќе значи директна инјекција за локалната економија и сигурна работа за нашите хотелиери. Општината ќе ги обезбеди сите потребни услови и инфраструктурна поддршка за овој план да стане реалност во 2026 година, изјавил Јакупоски.
Туроператорите од Азија биле восхитени од автентичноста на регионот, оценувајќи дека Маврово и Река нудат совршен спој на недопрена природа, гастрономија и традиција, што е главен приоритет за модерните светски патници.
Со овој чекор, нагласува Ибраими, Општина Маврово и Ростуше се позиционира како сериозна и конкурентна дестинација на светската туристичка мапа. вт/дма/
Фото: Општинска прес служба