• понеделник, 23 декември 2024

Општина Маврово и Ростуше годинава доделила 16 ваучери за новороденчиња

Општина Маврово и Ростуше годинава доделила 16 ваучери за новороденчиња
Дебар, 3 септември 2022 (МИА) - Во изминатиот период од годинава општина Маврово и Ростуше доделила 16 ваучери, односно еднократен паричен надоместок за новородени деца. -Врз основа на програмата за здравствена, социјална заштита и заштита на деца, со едногласно донесената одлука на Советот на општината на секое новородено дете му се доделува еднократен паричен надоместок во висина од 5.000 денари. Досега, последното вчера, доставени се 16 барања  и толку и се реализирани, изјави за МИА, Букурије Беќири од општина Маврово и Ростуше. Посочува дека еднократна парична помош се доделува само за новороденчиња на семејства кои живеат постојано на територијата на општината Маврово и Ростуше, но не и на семејствата кои потекнуваат од овој крај, а живеат и работат во странство или во друга општина. Од јануари 2018 година од кога почна исплатата, ваква помош истата година оствариле 50 лица, 33 во 2019 година, 27 лица во 2020 и 20 лица во 2021 година. По предлог на градоначалникот Медат Куртовски, Советот на општината донесе одлука, со која од оваа учебна година на сите запишани ученици во прво одделение, а ги има 35, ќе им додели еднократен износ од по 3000 денари. Општината од минатата академска 2021/2022 година почна да исплаќа финансиски надомест во износ од по 6.000 денари на студенти кои се со адреса на живеење во општина Маврово и Ростуше, се запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија, а кои редовно ги полагаат испитите. Финансиски надомест добија 27 студенти. вт/рп/

Остани поврзан