• четврток, 21 ноември 2024

Општина Куманово ги поддржува старите занаети

Општина Куманово ги поддржува старите занаети

Куманово, 13 ноември 2024 (МИА) - Општина Куманово преку одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и локален економски развој одвои средства за поддршка на старите занаети, соопштија денеска надлежните од општината.

-Општината ги субвенционира старите занаети со 150.000 денари. Целта на оваа мерка е да се подобрат условите за работа во занаетчиството, да се обезбеди пазар, да се подобри квалитетот на занаетчиското производство, но и да се зајакне интересот за старите занаети, особено на оние кои со себе носат културни и етнички белези. Со цел да го спречиме изумирањето на старите занаети Општина Куманово и Регионална комора на занаетчиите ќе вршат субвенција на занаетчии кои ќе се занимаваат со стари занаети, изјави раководителката на ЛЕР, Донка Петровска.

Во рамки на програмата за поддршка и развој на занаетчиство согласно програмата на одделение за стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР, покрај субвенционирањето, поддржан е и саемот за микро и мали компании од Куманово и регионот. Организација на саемот е со цел општината да ги истакне микро и малите компании кои вршат занаетчиски дејности и има за цел да ги мотивира младите да се вклучат во занаетчиството, да го промовира и поттикне младинското претприемништво, да овозможи вмрежување и развој. За оваа намена одвоени се 100.000 денари.

Третата активност е избор на најдобар сувенир на град Куманово која се спроведува на годишно ниво.

-На овој начин Општина Куманово поддржува идеи и автентични трудови да придонесат кон креирањето на производ кој ќе го отсликува карактерот на градот, во насока на зголемена промоција. На овој начин се дава поддршка и мотивација за работа на дел од занаетите, вели Петровска.

Општината и за избор на сувенири одвојува сто илјади денари. ам/ир/


Фото: МИА и општина Куманово

 

Фото: МИА и општина Куманово

Остани поврзан