• понеделник, 23 декември 2024

Општина Кочани продаде осум градежни парцели за објекти за индивидуално домување

Општина Кочани продаде осум градежни парцели за објекти за индивидуално домување

Кочани, 17 јануари 2024 (МИА) – Општина Кочани продаде осум градежни парцели наменети за објекти за индивидуално домување што ги огласи пред крајот на минатата година и очекува приход од над 276 илјади денари, од кои 80 отсто ќе влезат во општинскиот буџет. Оваа сума дополнително ќе биде зголемена со надоместокот за уредување на градежното земјиште.

На електронско јавно наддавање за оттуѓување на државно неизградено земјиште, што се одржа денеска, се пријавиле поголем број заинтересирани инвеститори кои по комплетирањето на постапката и обезбедувањето соодветни дозволи ќе можат да градат куќи во градското подрачје.

-Задоволни сме од интересот и од начинот на кој помина оттуѓувањето на градежното земјиште, за што беа понудени парцели со површина од 178 до 325 квадратни метри, а максималната цена на наддавањето за една од нив достигна дури 370 денари за квадрат. Сите парцели се во населбата Драчевик, односно четири се наоѓаат на улицата „Февруарски поход“, а по две се на улиците „Митко Тодоров“ и „Пиринска“, истакна Марија Георгиева, советник за располагање со градежно земјиште.

Обврска на инвеститорите е во рок од девет месеци да обезбедат одобрение за градба од надлежните општинските служби, по што ќе можат да ги почнат градежните активности. та/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан