• недела, 22 декември 2024

Општина Кочани обезбеди 1,9 милиони денари за субвенционирање на јавниот градски превоз

Општина Кочани обезбеди 1,9 милиони денари за субвенционирање на јавниот градски превоз

Кочани, 9 февруари 2024 (МИА) – Оптшина Кочани од сопствениот буџет ќе издвои 1,9 милиони денари за субвенционирање на 50 отсто од цената на билетот за јавниот градски превоз на патници. Финансиското учество во трошоците ќе се реализира во наредните две години, а во тек е постапката за избор на давател на услугата кој ќе ја одржува линијата број 8.

Согласност на одлуката за висината на субвенционирањето даде Советот на Општината, со што на секои 10 денари што ќе ги плати патникот, уште толкав износ превозникот ќе добива од буџетската сметка.

Жителите на неколку села од рамничарскиот дел на општината претходно побараа проширување на линијата на градскиот превоз до нивните населени места, но од општинската администрација не добија позитивен одговор.

-Договорот со сегашниот превозник завршува на 1 март, а со оглед на износот што веќе е определен за субвенционирање на услугата во наредниот период, дополнителни средства во буџетот не се предвидени. Поради тоа одиме на одржување на истата линија со истите услови како и до сега. Таа може да се прошири ако евентуално дојде до намалување на цената што ќе биде понудена на јавната набавка, истакна Венцо Бојков, раководител на одделението за правни и општи работи во Општина Кочани.

Според донесената одлука ќе нема промена на трасата на која вози градскиот автобус, односно тргнувањето ќе остане од населбата Оризари, преку месноста Бавчалук до зоната Лесна индустрија и обратно. Определени се четриесетина автобуски стојалишта, а обврска на превозникот е да обезбеди најмалку четири поаѓања дневно.

Општина Кочани беше прва во Источниот регион која пред 10 години го воведе линискиот градски превоз на патници и освен редуцирањето во периодот на епидемијата од Ковид-19, досега услугата се реализира без прекин. та/дма/

фото: МИА

Остани поврзан