Општина Илинден го одбележа патрониот празник
- Општина Илинден синоќа со пригодна свеченост и настап на музички гости го одбележа патрониот празник „Илинден 2-ри Август” и националниот празник на македонскиот народ.
Скопје, 26 јули 2025 (МИА) - Општина Илинден синоќа со пригодна свеченост и настап на музички гости го одбележа патрониот празник „Илинден 2-ри Август” и националниот празник на македонскиот народ.
На централната манифестација која се одржа во комплексот на Домот на култура „Илинден” пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој во своето поздравно обраќање им го честита празникот на сите жители од општина Илинден.

Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека овој ден не е само потсетник на славната историја и борбата за слобода, туку и симбол на упорноста, одлучноста и заедништвото што не водат напред. Денес како заедница одбележуваме три децении од постоењето на нашата општина, но и визијата за иднината што заеднички ја градиме, се посочува во соопштението од Општината.
- Резултатите од севкупниот развој на нашата општина им припаѓаат на сите граѓани, како чинители на локалната заедница. Од срце ви се заблагодарувам на сите вас кои ја давате несебичната поддршка во нашата заедничка борба за напредок и создавање на подобри услови за живот во Илинден. Воедно сакам да изразам голема благодарност до членовите на Советот на Општината, вработените во општинската администрација и јавните претпријатија, на бизнис секторот, граѓанските здруженија и сите оние кои се дел од нашето општинско ткиво, за несебичната преданост, посветеност и поддршка. Благодарност и до нашите просветни работници:наставници, воспитувачи и педагози кои со својата љубов и посветеност кон образованието создаваат нови генерации на млади и амбициозни луѓе што ќе ја водат иднината на Илинден, изјави градоначалникот Георгиевски.
Тој додал дека живееме во динамично време, со глобални промени кои бараат приспособливост, мудрост и решителност и затоа, нивната мисија е Илинден да остане пример за општина која не мирува, туку создава, која не чека, туку делува.

На настанот присуствуваа голем број граѓани од општината и пошироко кои уживаа слушајќи ги познатите хитови на великанот на македонската музика Наум Петрески и Зуица Лазова, како и преубавиот настап на АНПИ „Илинден“, КУД „Гоце Маркоски“ и хорот и играорците на Здружението на пензионери „Илинден“. ев/
ФОТО: Општина Илинден