• среда, 03 јули 2024

Општина Виница инвестира девет милиони денари за изградба и санација на улици

Општина Виница инвестира девет милиони денари за изградба и санација на улици
Виница, 17 ноември 2022 (МИА) – Општина Виница го почна проектот за изградба на нови и санација на постојните улици во градот и дел од населените места, за што од сопствениот буџет обезбеди девет милиони денари. Во тек се градежните работи за пробивање и асфалтирање на две улици во селото Блатец, а од локалната самоуправа истакнаа дека активностите ќе продолжат и во Градец и Виница. - Според изработениот проект предвидено е да се изградат и реконструираат улици со вкупната должина од над еден километар, при што приоритет е даден на улиците „Ангел Винички“ и „Кирил и Методиј“ во Виница, како и по две сообраќајници во Блатец и Градец. Стариот и дотраен асфалт ќе се отстрани и ќе се постави нов асфалтен слој, a ќе се направи и нивелирање со постојните канализациски шахти и капаци. Поради специфичноста на теренот во Блатец, ќе се обезбеди и соодветно одводнување со изградба на нов армирано бетонски пропуст. За санирање на оштетувањата на другите улици во општината обезбедени се 400 тони асфалтна маса со која ќе се изврши крпење на ударните дупки, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков. Според потпишаниот договор со изведувачот „Стоименов“ од Кочани, градежните активности треба да се комплетираат во рок од три месеци. Покрај реализацијата на тековниот проект, Општина Виница изработи нова техничка документација за изградба и реконструкција на улиците „Страшо Пинџур“ и „Славчо Стојменски“ во Виница, како и за уште четири улици во Блатец и Градец. Исто така, се подготвува проект за улиците „Раде Кончар“, „Стив Наумов“, „Климент Охридски“, „4-та Македонска бригада“, „Македонска“, и „Иво Лола Рибар“ во Виница, како и за седум улици во селата Трсино, Лески, Липец, Јакимово и Истибања. та/цр

Остани поврзан