• четврток, 30 јануари 2025

Општина Битола обезбеди финансиска поддршка за лица со ретки болести

Општина Битола обезбеди финансиска поддршка за лица со ретки болести

Битола, 30 јануари 2025 (МИА) - Општина Битола обезбеди средства со цел покривање патни трошоци до здравствени институции надвор од Битола и поддршка за надминување на секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со ретки болести, а се наоѓаат во незавидна социјална и здравствена положба.

Од секторот за односи со јавност потсетуваат дека социјалната мерка почна да се применува од 2023 година, на предлог на градоначалникот Тони Коњановски и се реализира трета година по ред со која Општина Битола издвојува по еден милион денари за финансиска помош која системски e вклучена во Програмата за социјална заштита на Општина Битола.

Во Општината регистрирани се околу 30 лица со ретки болести, а локалната самоуправа ќе продолжи активно да ги поддржува, како преку конкретни мерки, така и преку поддршка на нивните иницијативи, а нивна задача е да се пријават на јавниот повик кој е во тек, посочуваат од тамошната локална самоуправа.

За искористување на финансиската поддршка, лицето треба да биде регистрирано како лице со ретка болест согласно дијагноза и критериуми утврдени од Министерството за здравство и да е жител на Општина Битола.  

- Јавниот повик останува отворен во текот на целата година, до целосно искористување на средствата, исплатата ќе се врши двапати годишно, во јули и декември, а едно лице може да добие финансиска поддршка еднаш годишно, во максимален износ од 30.000 денари, соопштија од Општина Битола. мт/мд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан