• петок, 13 декември 2024

Општина Берово потпиша договор за подобрување на условите за домување на осум ромски семејства

Општина Берово потпиша договор за подобрување на условите за домување на осум ромски семејства
Берово, 25 јули 2022 (МИА) - Во Берово е потпишан договорот за реконструкција на куќи на осум ромски семејства, што се реализира во рамки на проектот „Штип и Берово заедно за подобрување на условите на ромската заедница”. Главна цел на проектот, како што информираа од Општината, е унапредување во домувањето, образованието и економските можности за Ромите кои живеат во сиромаштија, преку подобрување на нивните услови за домување и пристап до социјални услуги. - Куќите ќе ги реконструира фирмата Валаски градба ДООЕЛ, а за надзор над градбата е изберен економскиот оператор  Ефтимов дооел од Радовиш. Преку заеднички проект општините Берово и Штип, во соработка со  Здружение за одджлив развој- Зелен Институт од Скопје, заеднички  работат на подобрување на  условите за живот на ромската заедница, кој финансиски е поддржан од Европска Унија, преку Делегација на ЕУ во Скопје, во согласност со акциската програма за инклузија – ИПА 2 од 2019 година, информираа од Општината. Во рамки на проектот за Берово, предвидени се повеќе активности, од кои дел се веќе завршени. - Изготвен е ДУП и ГУП во износ од 15 хектари во ромската населба. Проектот опфаќа и легализација на бесправно изградени куќи во сопственост на ромски семејства (25 кои имаат поднесено барање и 15 кои немаат поднесено барање за легализација) како и рехабилитација и реконструкција на вкупно 15 куќи на ромски смејества кои живеат во несоодветни и штетни услови, додадоа од Општината. Во рамки на подобрување на инфраструктурата во ромската населба, како што дополнија, предвидена е и реконструкција на 250 метри фекална канализација, поплочување на мали улици во должина од 70 до 100 метри, приклучување на водоснабдителниот систем на седум семејства и пет семејства кои немаат пристап до електрична енергија, како и обезбедување на седум контејнери и 120 индивидуални канти за отпад кои ќе бидат поделени во ромската населба. За подобрување на условите за домување на ромската заедница во општина Берово, ќе бидат инвестирани околу  173 илјади евра. вс/цр

Остани поврзан