• петок, 05 декември 2025

Општина Аеродром: „ПЧЕЛКА 1“ во населба Лисиче добива сосема нов дом

Општина Аеродром: „ПЧЕЛКА 1“ во населба Лисиче добива сосема нов дом

Скопје,7 август 2025 (МИА) - В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска го потпишаа договорот за изградба на новиот објект на градинката „Пчелка 1“, најстарата градинка во Општина Аеродром.

-Со овој проект, не рушиме само ѕидови, туку завршуваме едно поглавје полно со спомени и отвораме ново, посветено на иднината на нашите најмали. Во градинката ќе растат уште многу генерации, но во нов, модерен, безбеден и топол објект што ќе згрижува 265 дечиња, далеку повеќе од сегашниот капацитет, велат од Општина Аеродром.

Новата градинка на површина од 2.600 квадратни метри, додаваат, ќе има многу нови занимални, современи услови и безбедна околина.

-По завршување на тендерската постапка, објектот ќе се гради во три фази, внимателно и со љубов, затоа што не градиме само градинка, градиме спомени, детство и сигурна иднина за секое дете. Ова е уште една потврда дека кога вистински се грижиме за децата, се грижиме за иднината на Аеродром. Градиме за најмалите. Градиме иднина, се вели во денешното соопштение од Општина Аеродром. сст/вј/

Фото Општина Аеродром

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан