• недела, 22 декември 2024

Општа болница Куманово подготви проекти за подобрување на функционалноста на здравствената установа

Општа болница Куманово подготви проекти за подобрување на функционалноста на здравствената установа

Куманово, 14 ноември 2024 (МИА) - Менаџерскиот тим на кумановската општа болница подготви три нови проекти за подобрување на функционалноста на здравствената установа. Промените вклучуваат пренамена на модуларната болница за физикална терапија, ново сообраќајно решение за намалување на метежот и подобрување на итните случаи, како и искористување на неискористениот простор за дополнителни медицински услуги, соопштија денеска надлежните.

Директорот на болницата, д-р Стефан Трајановски, истакна дека овие мерки се неопходни за подобрување на услугите и задоволството на пациентите. 

- Модуларната болница ќе се пренамени за пациентите од физикална терапија. Отстапениот простор ќе се користи за прегледи на хронично-болните и пациентите кои ќе добијат термини. Ургентниот центар исклучиво ќе се користи за итни пациенти. Во соработка со општината ќе се подготви ново сообраќајно решение со излез на улицата „11 Ноември“ кон Бедиње, соопшти денеска директорот на установата, д-р Стефан Трајановски.

Измените, додава тој, се неопходни за да не се создава сообраќаен метеж во слепата улица „Србо Томовиќ“ и тука ќе се превезуваат исклучиво итни случаи.

Во стариот ургентен ќе се прегледуваат и итните гинеколошки случаи.

- Неискористениот простор над 600 метри квадратни од модуларната болница со подготовка на административни процедури, постапки за соодветни зафати од градежен аспект, соодветна противпожарна заштита ќе се искористи за физикалната терапија. Останува уште еден елаборат, ќе побараме дозвола од ресорното министерство и по добивањето ќе аплицираме за дозвола до Министерството за здравство, рече Трајановски.

Последниве денови од болничкиот двор изнесени се над четири тони смет и шут, исчистени се сите зелени површини. Почната е и постапка за останување на тринаесетте хаварисаните возила, сопственост на болницата. Во близина на модуларната болница планиран е паркинг простор, како и на движење во установата. Проблемот со расипаната врата во Ургентниот центар ќе се решава со буџетот за наредната година.

- Токму метежот и фреквенцијата на луѓе е причина за овој проблем за кој алармираат пациентите. Несоодветната организација изминативе години е причина за сегашната фрустрација на пациентите. Затоа е нарушен имиџот на болницата. На ургентниот треба да поминуваат до 30-тина пациенти, итни случаи, не како сега по 200 дневно, додава Трајановски.

Од болницата се надеваат дека со новиот буџет за идната година ќе имаат средства и за набавка на нови апарати, но и кадровски да се доекипираат.

Општа болница покрива територија на шест општини од североистокот и обезбедува секундарна здравствена заштита за Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце со приближно 200.000 граѓани.

Во близина се три гранични премини, меѓу нив Табановце како најфреквентен и затоа надлежните ќе преземат мерки за подобрување на функционирањето за итните случаи.ам/ар
Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан