Опозицијата во Танзанија тврди дека за време на антивладините протести загинале околу 700 луѓе
- Танзаниската опозициска Партија за демократија и напредок тврди дека за време на антивладините протести загинале околу 700 луѓе
Додома, 31 октомври 2025 (МИА) – Танзаниската опозициска Партија за демократија и напредок тврди дека за време на антивладините протести загинале околу 700 луѓе.
Насилството во Танзанија ескалира пред два дена, на денот на претседателските и парламентарните избори, на кои не учествуваше опозицијата.
Во најголемиот град на Танзанија, Дар ес Салам на 29 октомври имаше истрели, а стотиците демонстранти запалија полициска станица. Потоа протестите се прошириаа низ цела земја.
- Додека зборуваме, бројот на жртви во Дар (ес Салам) е околу 350, а во Мванза (на север) бројот на жртви е над 200. Ако ги додадеме бројките од другите делови на земјата, добиваме вкупно околу 700 загинати, наведе портпарол на Партија за демократија и напредок, Џон Китока.
Тој додаде дека и покрај воведениот полициски час и денеска граѓаните протестираат на улиците на Дар ес Салам.
Високиот комесар на ОН за човекови права ги повика безбедносните сили во Танзанија да не користат „непотребна или непропорционална“ сила против демонстрантите.
- Безбедносните сили треба да сторат сè што е можно за да ги намалат тензиите и демонстрантите треба мирно да протестираат, изјави портпаролот на високиот комесар Саиф Маганго.
Тој упати и апел властите да обезбедат брзи, непристрасни и ефикасни истраги за сите случаи на насилство поврзано со изборите и да обезбедат одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.
- Насилството е резултат на изборната кампања обележана со обвинувања за произволни апсења и притворања на опозициски личности, особено лидерот на опозициската Партија за демократија и напредок и неговиот заменик, како и киднапирање на дисиденти, вклучувајќи го и поранешниот амбасадор на Танзанија во Куба, истакна Маганго. ми/
фото: ЕПА