• петок, 05 декември 2025

Оперативниот план за вработување е вреден 40 милиони евра и опфаќа над 16 илјади граѓани (ДПЛ)

Оперативниот план за вработување е вреден 40 милиони евра и опфаќа над 16 илјади граѓани (ДПЛ)

Скопје, 28 мај 2025 (МИА) – Оперативниот план за вработување за 2025 година е вреден 40 милиони евра и опфаќа над 16 илјади невработени, од овие лица се очекува 65 проценти да се млади до 29 години, информира на денешната прес-конференција претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

-Еден од главните приоритрети на оваа Влада е зголемување на благосостојбата на граѓаните, намалување на невработеноста и креирање на мерки насочени кон балансиран и ефективен пазар на труд, затоа на последната седница срочивме оперативен план за вработување вреден 40 милиони евра со кои ќе бидат опфатени над 16 илјади наши сограѓани, од кои 12.537 лица во активни мерки за вработување, а 3.520 лица во услуги за вработување. Со овој план се опфаќаат две глави точки, првата е директна поддршка за старт-ап бизниси на млади, втората работа е организиран пристап во сузбивањето на пожари за што ќе се вработат 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животна средина на локално ниво, изјави премиерот.

Оцени дека првпат државата ангажирала толкав број лица кои ќе помагаат во справувањето со пожарите и дека на овој начин Владата се подготвува со предизвиците кои претстојат ова лето. 

Додаде дека во овој план посебен фокус се става на младите до 29 години. Мицкоски воедно наведе и  дел од програмите и мерките.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши посочи дека средствата што се одвоени за оперативниот план се рекорден износ на поддршка и оцени дека ова е знак за посветеноста и заложбата на Министерството за економија и труд и Владата.

На прес-конференцијата во однос на поддршката за самовработување невработени млади лица до 29 години, која според проекциите има опфат од 720 лица, беше посочено дека со оваа мерка невработените добиваат поддршка да започнат или да формализираат сопствен бизнис, со услов да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка е 615.000 денари (неповратни средства за основање на бизнис) и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект. 

Понатаму е поддршка за самовработување-здружување во ДОО кое е предвидено да опфати 400 лица од кои 220 млади до 29 години, која има за цел да овозможи невработените да започнат или да формализираат сопствен бизнис, при што невработените лица треба да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка изнесува од 861.000 денари до 1.230.000 денари (правен субјект од два содружника). Најнискиот износ од 861.000 денари се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот износ од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години. Исто така може содружници да бидат лице до 29 години и лице над 29 години. Дополнително се предвидуваат и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект.

Предвидени се и поддршка за самовработување (претприемништво) - невработени лица над 29 години која има потенцијал да опфати 610 граѓани, поддршка за вработување на лица со попреченост, со опфат од 150 лица, обука на работно место кај конкретен работодавач, со опфат од 245 невработени лица евидентирани во АВРСМ, обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот за 600 невработени лица, обуки за возачи за Ц, ЦЕ и Д-категорија за 200 невработени лица евидентирани во АВРСМ, како и обуки за странски јазици, основни вештини за работа со компјутери и многу други мерки и програми. 

Мицкоски нагласи дека со оперативниот план за активните програми, мерки за вработување услуги на пазарот на трудот за 2025 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработуавање кои ќе обезбедат креирање на нови работни места и зголемување на вработеноста, со фокус на младите, долгорочно невработените и корисниците на минимална помош.

-Очекувам дека ќе продолжи трендот на намалување на невработеноста. Можам да кажам дека во третиот и четвртиот квартал бројот на вработени лица е зголемен за близу 10 000 и таа борјка надминува над 700 000 првпат после долго време, а бројот на невработени лица е под 100 000, тоа се параметрите кои се поврзани со тие два квартала. Сега ќе видиме како ќе биде понатаму во првиот квартал од оваа година, иако очекувам до крајот на годината можеби преоптимистички, но да бидеме под девет проценти стапка на невработеност, но ќе видиме како ќе се интензивираат економските активности, подвлече Мицкоски. свс/ац/ 

Фото: Принтскрин/Влада

Остани поврзан