• петок, 22 ноември 2024

ОН: Силни сме само онолку колку што е силна нашата најслаба алка

ОН: Силни сме само онолку колку што е силна нашата најслаба алка
Њујорк, 22 септември 2020 (МИА) – Членовите на Обединетите нации, кои честопати се поделени, се обединија со усвојување на декларација по повод 75-годишнината од постоењето на Светската организација. Во декларацијата се истакнува дека никогаш не било поважно сите земји да се обединат во борбата против глобалните предизвици на пандемијата на коронавирусот, климатските промени и насилниот екстремизам. Во декларацијата, усвоена од 193 земји-членки на виртуелен состанок доцна синоќа, се оценува дека Обединетите нации се единствената светска организација што има моќ да ги зближи земјите и „да им даде надеж за подобар свет на многу луѓе и … да им даде иднината каква што сакаат“. Декларацијата потсетува на успесите и неуспесите на Обединетите нации во текот на повеќе од седум децении и ветува изградба на пост-пандемиски свет кој ќе биде порамноправен и ќе работи заедно за да ја заштити планетата. Дури и во време на голема напнатост, се вели во декларацијата, ОН промовираа деколонизација, слобода, развој, човекови права и еднаквост „и работи на искоренување на болести“. - ОН помогнаа во ублажување на десетици конфликти, спасија стотици илјади животи преку хуманитарни акции и обезбедија едукација за милиони деца, се вели во декларацијата. Кога станува збор за неуспесите, во декларацијата се вели дека светот е „ранет од растечката нееднаквост, сиромаштија, глад, вооружени судири, тероризам, несигурност, климатски промени и пандемии“. - Нашите предизвици се меѓусебно поврзани и можат да се решат само преку заживеан мултилатерализам, се наведува во документот. Во декларацијата нагласува дека 75-годишнината од постоењето на Светската организација се случува во време на голема пандемија, која не само што предизвикува смрт и сериозни болести, туку и „светска економска криза, зголемена сиромаштија, вознемиреност и страв“. - Пандемијата на Ковид-19 нè потсети дека сме тесно поврзани и дека сме силни само онолку колку што е силна нашата најслаба алка, стои во документот. Само со заедничка работа може да се победи пандемијата и да се стекне отпорност кон идните пандемии и другите светски предизвици, се наведува во декларацијата и се додава дека мултилатерализмот не е опција, туку потреба, да се изгради порамноправен, поотпорен и поодржлив свет. Родени од пепелта на Втората светска војна, Обединетите нации се основани за да ги спасат идните генерации од канџите на војната, се истакнува во Повелбата на ОН. јт/

Остани поврзан