• петок, 22 ноември 2024

ОН предупредува дека климатските промени ќе ги зголемат конфликтите

ОН предупредува дека климатските промени ќе ги зголемат конфликтите
Њујорк, 23 февруари 2021 (МИА) – Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, предупреди дека климатските промени може да ја зголемат нестабилноста, насилството и конфликтите во светот, јави агенцијата Анадолија. Говорејќи на сесијата што се одвива под претседателство на премиерот Борис Џонсон, организирана од Велика Британија, Гутереш рече дека последните 10 години биле најтопли години во историјата на човештвото. - Климатските промени ги сушат реките, ги намалуваат бербите, ја уништуваат критичната инфраструктура и ги раселуваат луѓето. Како резултат на тоа ризиците од нестабилност и конфликти исто така се зголемуваат, нагласи Гутереш предупредувајќи дека глобалното затоплување ќе ги интензивира кризите. Истакнувајќи дека 8 од 10 земји каде што имало војни и конфликти се изложени на големи климатски промени, Гутереш рече дека во Западна Африка и регионот Сахел повеќе од 50 милиони луѓе се занимаваат со сточарство и дека промените во пасиштата предизвикуваат растечко насилство меѓу овчарите и земјоделците. Истакнувајќи дека малите врнежи од дожд и сушата ја зголемуваат конкуренцијата во Дарфур, Гутереш нагласи дека поради климатските промени раселувањето веќе започнало низ светот. Гутереш исто така додаде дека е потребна вистинска глобална коалиција за постигнување на целта за нула емисија на јаглерод до 2050 година, јави Анадолија. Меѓу другото, Гутереш ги повика развиените земји да ја исполнат својата обврска да одвојат 100 милијарди долари годишно за земјите со ниски примања за да помогнат во борбата против климатските промени и да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид.

Остани поврзан