• четврток, 21 ноември 2024

ОН: Околу 100.000 Палестинци претходните денови избегнаа на југ поради израелските бомбардирања

ОН: Околу 100.000 Палестинци претходните денови избегнаа на југ поради израелските бомбардирања

Рафа, 29 декември 2023 (МИА) - Околу 100.000 Палестинци во изминатите неколку дена пристигнаа во Рафа, на крајниот југ на Газа, бегајќи од бомбардирањето на централниот дел на таа територија, соопштија Обединетите нации.

Околу 85 отсто од населението на Газа е раселено поради израелските бомбардирања и копнени офанзиви.

Поради ова, голем број луѓе бараат засолниште во зоните што Израел ги одреди како безбедни, но и кои се бомбардирани.

Луѓето пристигнаа во Рафа со камиони, автомобили и пеш. Оние кои не можеа да најдат место во и онака преполните засолништа, подигнаа шатори покрај патиштата.

„Луѓето го користат секој празен простор за да градат засолништа. Некои спијат во своите автомобили, а некои на отворено“, рече Џулиет Тума, директорка за односи со јавност на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).

Израелската офанзива сега е фокусирана на бегалските кампови Буреиџ, Нусејрат и Магази во центарот на Газа, каде што израелските воени авиони и артилерија уништија голем број згради.

Борбите продолжуваат на север, а на удар е и Кан Јунис на југ, каде Израел верува дека се кријат лидерите на Хамас. Хамас продолжи да истрелува ракети, главно кон јужен Израел.

Според Министерството за здравство на Хамас во Газа, од почетокот на војната се убиени 21.300 Палестинци, иако не е јасно колку борци на милитантната организација, а колку цивили. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан