• вторник, 25 март 2025

ОН: Наша мировна мисија во Украина е многу хипотетична

ОН: Наша мировна мисија во Украина е многу хипотетична

Њујорк, 25 март 2025 (МИА) - Мисијата на ОН во Украина е во оваа фаза „многу хипотетичка“, изјави денеска заменик генералниот секретар на ОН задолжен за мировни операции, Жан- Пјер Лакроа.

„Мислам дека можете да кажете дека е многу, многу хипотетички“, рече Лакроа, француски дипломат задолжен за мировните операции од 2017 година. „Очигледно, бидејќи прашањето е на маса, размислуваме за тоа“, додаде тој пред новинарите.

Европа разговара за безбедносните гаранции што ќе ги даде на Украина во случај на прекин на непријателствата, вклучително и распоредување на копнени трупи.

Во Париз во четврток ќе се одржи нов состанок на лидерите на земјите од „коалицијата на подготвените“, во обид да обезбедат вакви  безбедносни гаранции.

Руската делегација на преговорите за Украина, кои се одржуваат во саудиската престолнина Ријад, под покровителство на САД, зборуваше за улогата на Обединетите нации, без да даде детали.

Евентуалната мировна мисија на ОН во Украина мора прво да добие одобрение од Советот за безбедност на Обединетите нации, потсети Лакроа. И досега нема „никаков контакт“ во тој поглед, рече тој.

„Не ни е дадена никаква одговорност да ја планираме (оваа мисија) и навистина не гледам на која основа би можеле да го направиме тоа сега“, нагласи тој.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан