Онлајн настан со млади инженерки од пет земји: Жените можат да водат сè
- Вкупно 120 млади девојки и студентки од пет земји во светот се приклучија на меѓународниот онлајн настан посветен на женското лидерство во енергетиката, инженерството и рударството „Leading in Energy and Mining: The Professional Journey of Sanja Bozhi-novska“ во чиј фокус беа лидерството, знаењето и храброста на жените во стратешките индустрии со цел да ги инспирира да градат кариера во STEM областите и да преземат лидерски улоги во стратешките индустрии.
Скопје, 5 март 2026 (МИА) - Вкупно 120 млади девојки и студентки од пет земји во светот се приклучија на меѓународниот онлајн настан посветен на женското лидерство во енергетиката, инженерството и рударството „Leading in Energy and Mining: The Professional Journey of Sanja Bozhi-novska“ во чиј фокус беа лидерството, знаењето и храброста на жените во стратешките индустрии со цел да ги инспирира да градат кариера во STEM областите и да преземат лидерски улоги во стратешките индустрии.
Настанот, кој обедини млади студентки, експерти и лидери од енергетскиот и инженерскиот сектор, е организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), Limak Foundation, Women on Boards Adria (WOBA) и Global Engineer Girls (GEG). На него дебатираа младите жени од Северна Македонија, Турција, Косово, Шпанија и Мозамбик.
Како што информираат од МЕРМС, во центарот на настанот беше инспиративната професионална приказна на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која со учесничките сподели искуства од својата кариера и визијата за развој на енергетскиот сектор во време на брзи технолошки и системски промени.
-Енергетските системи се трансформираат, а технологијата се развива побрзо од кога било. Токму затоа ни се потребни нови генерации инженери и лидери, а меѓу нив има сè повеќе млади жени кои со своето знаење и амбиција ќе ја обликуваат иднината на овој сектор, истакнала министерката Божиновска.
Таа нагласила дека вистинското лидерство во енергетиката се гради преку преку знаење, одговорност и тимска работа.
-Вистинското лидерство е да бидете најподготвени, најдоследни и најпосветени на резултатот. Нема сектор премногу сложен, нема позиција премногу висока и нема предизвик премногу голем за жените кои се подготвени да водат, истакнала Божиновска.
На настанот се обратила и Тања Михајловска Димитриевска, претставничка на Women on Boards Adria, која зборувала за значењето на поголемата застапеност на жените во управувачките структури и процесите на донесување одлуки.

-Поголемото присуство на жени во управните одбори и лидерските позиции не е само прашање на еднаквост – тоа е предуслов за подобро управување, посилни институции и поодржлив економски развој, посочила Михајловска Димитриевска.
Настанот беше посветен и на студентките од програмата Global Engineer Girls, меѓународна иницијатива која поддржува млади жени во STEM областите преку стипендии, менторство, практикантска работа, професионална обука и можности за вработување.
Отворајќи го настанот, Г-ѓа Еда Јегиналтaј Курт, Член на Одборот на Limak Foundation порача дека ваквите иницијативи имаат клучна улога во инспирирањето на новата генерација жени лидери.
-Токму ваквите настани се создава простор младите жени да видат реални примери на лидерство и да слушнат автентични професионални приказни и да разберат дека нивните амбиции во овие сектори не само што се можни, туку се и неопходни, рекла Јегиналтaј Курт.
Организаторите порачале дека ваквите настани создаваат простор за дијалог меѓу генерациите – помеѓу жените кои веќе носат одлуки и ги водат стратешките сектори, и младите жени кои допрва ќе ја обликуваат иднината на енергетиката, технологијата и одржливиот развој. Во пораката до студентките беше нагласено дека тие не се сами на својот професионален пат.
Организаторите им порачаа на учесниците дека патот можеби нема секогаш да биде лесен, но е возможен и дека не го одат сами.
-Со оваа иницијатива се испраќа јасна порака дека иднината на енергетиката и инженерството е инклузивна, иновативна и сè повеќе предводена од жени лидери. Енергетиката и рударството ги движат економиите. Но лидерството – етичко, инклузивно и визионерско е она што го движи вистинскиот напредок, истакнала министерката Божиновска.вј/
Фото: МЕРМС