Олмерт: Хуманитарниот град што се планира во Газа ќе биде концентрационен логор
- Тоа е концентрационен логор. Жал ми е. Доколку Палестинците бидат депортирани во нов „хуманитарен град“, тогаш тоа ќе може да се протолкува како дел од етничкото чистење, рече Олмерт.
Тел Авив, 15 јули 2025 (МИА) - Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт остро го критикуваше планот на израелското Министерство за одбрана за воспоставување таканаречен „хуманитарен град“ во јужниот дел на Газа, оценувајќи дека таквата зона би претставувала „концентрационен логор“ и потенцијален чин на „етничко чистење“.
Олмерт за британски „Гардијан“ изјави дека предложената зона - наменета за стотици илјади раселени Палестинци, би била место од затворен тип, изградено врз урнатините на градот Рафа, од кое на жителите нема да им биде дозволено да заминат.
-Тоа е концентрационен логор. Жал ми е. Доколку Палестинците бидат депортирани во нов „хуманитарен град“, тогаш тоа ќе може да се протолкува како дел од етничкото чистење, рече Олмерт.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац минатата недела објави план за „град“ за кој рече дека би можел да го вклучи целото население на Газа. Тој, исто така, истакна дека останува посветен на идејата за емигрирање на Палестинците од Појасот Газа.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одговори на изјавите на Олмерт наведувајќи дека поранешниот лидер „го срами Израел на Си-Ен-Ен“, потсетувајќи дека Олмерт е осуден поранешен функционер кој отслужил затворска казна за корупција.
„Ги евакуираме цивилите. Хамас ги блокира. Тој го нарекува тоа воено злосторство?“, соопшти кабинетот на Нетанјаху.
Олмерт претходно ја критикуваше воената операција на Израел во Газа, велејќи во мај дека повеќе не може да ги брани постапките на земјата соочени со обвинувања за воени злосторства.
Планот „хуманитарен град“ наиде на осуда и во Израел.
Лидерот на опозицијата Јаир Лапид рече дека владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху користи „екстремни фантазии“ за да ја зачува коалицијата.
Израелскиот адвокат за човекови права, Мајкл Сфард, оцени дека планот содржи елементи на присилно преселување и потенцијална депортација, „кои, доколку се спроведат, би можеле да претставуваат злосторства против човештвото“.сд/
фото:МИА архива