• недела, 21 јули 2024

Олена Зеленска - Најсилното дипломатско оружје на Киев

Олена Зеленска - Најсилното дипломатско оружје на Киев

14 мај 2024 година

Нова.рс

 

Првата дама на Украина, Олена Зеленска, првите месеци од руската инвазија на Украина ги помина далеку од центарот на вниманието. Меѓутоа, во последните месеци таа стана вистинско дипломатско оружје во рацете на Киев. Олена беше таа што ја предводеше делегацијата на Украина на многу патувања во странство, особено во САД. Таа се појави на насловната страница на магазинот „Вог“, но носеше и доверливо писмо напишано од Владимир Зеленски до Си Џинпинг.

Посета на Белград

Во библиотеката на градот Белград, Зеленска го посети археолошкиот локалитет со изложбата „Римска сала“, како и „Украинската полица“, катче од библиотеката со украински книги што е основано под нејзино покровителство. Таа имаше можност да ги види и белградските четири евангелија од 16 век, првата книга отпечатена во Белград.

Тамара Вучиќ и Олена Зеленска ги посетија паркот Калемегдан и белградската тврдина. Во присуство на сопругите на претседателите на Србија и Украина, во Ректоратот на Универзитетот во Белград беше потпишан договор за научна, образовна и културна соработка меѓу Универзитетот во Белград и Националниот универзитет во Киев „Тарас Шевченко“.

Фотографирање за „Вог“

Зеленска се најде во центарот на светското внимание по фотосесијата за популарниот магазин „Вог“. Иако во тоа време беше мета на критики, бидејќи за време на војната учествуваше во фотографирање, многумина веќе видоа дека таа станува се поважна личност на светската сцена.

Фотографирањето за глобален медиумски бренд, што привлекува внимание, е паметен потег на Зеленска, чија земја исто така е вовлечена во информативна војна со Русија.

Битката за глобалното мислење е еден од најважните фронтови во руско-украинската војна. Способноста на Украина да се брани во голема мера зависи од континуираниот прилив на западно оружје и пари, што може да се обезбеди само ако јавното мислење ширум светот остане цврсто на страната на Украина.

Русија добро го знае тоа и активно работи на информативниот фронт за да ја поткопа решителноста на Западот. Дури и најгласните критичари мораа да признаат дека портретите на украинската прва дама за „Вог“ привлекоа големо внимание. Ова беше постигнато без прибегнување кон сензационализам.

Зачестените јавни настапи и дозволија на Олена Зеленска да покаже дека е многу повеќе од сопруга на претседателот. Таа ја искористи платформата што и беше дадена за да привлече внимание на ситуацијата во нејзината земја.

„Првата недела по избувнувањето на војната, бевме само шокирани. По Буча сфативме дека тоа е војна чија цел беше да не истреби сите. Војна за истребување“, рече таа.

Како сопруга и мајка која отсекогаш била повлечена и не сакала да се појавува на јавни настапи, таа сега ужива степен на автентичност и популарност каков што малку политичари можат. Ова ѝ овозможува да допре до публиката која веројатно нема да се вклучи со потрадиционални политички пораки. Таа сега целосно го користи овој кредибилитет за да ја сподели приказната за Украина со надворешниот свет.

Пораки до официјални лица

Бидејќи Зеленски воопшто не ја напушти земјата на почетокот на инвазијата, неговата сопруга стана личност со најголема доверба, која им пренесува пораки на светските претставници, како што се американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот Си Џинпинг.

Зеленска е добредојдена гостинка во Вашингтон, каде што секогаш е топло пречекана од Џозеф и Џил Бајден. Покрај тоа, таа минатата година заврши важна дипломатска мисија за Украина.

Таа во 2023 година не отиде во Давос само за да присуствува на годишниот Светски економски форум и да одржи говор за тешката ситуација во нејзината земја. Тогаш нејзиниот сопруг Владимир Зеленски ѝ ја довери задачата да му однесе писмо на кинескиот претседател Си Џинпинг во кое ги содржи условите на Украина за преговори со Русија и завршување на војната.

Шокантни признанија

Со оглед на тоа што во последните месеци често дава интервјуа за бројни светски медиуми, често зборуваше за ситуацијата во Украина, но и низ што поминува нејзиното семејство.

„Ова можеби звучи себично, но ми треба сопруг, а не историска личност да биде покрај мене“, рече таа.

Таа изјави и дека семејството Зеленски не поминува многу време заедно.

„Но, ние се држиме, имаме сила и емотивно и физички. Сигурна сум дека ќе се справиме со тоа“, додаде таа.

Таа објасни дека нејзиниот сопруг не живее со семејството, но дека се гледаат, иако не толку често колку што би сакале.

„На син ми му недостасува татко му. Ме боли кога гледам како моите деца не планираат ништо. Нашата ќерка има 19 години. Нејзините врсници фантазираат за патувања, за нови искуства, емоции. Таа нема таква можност“, изјави Олена Зеленска.

Остани поврзан