• петок, 22 ноември 2024

Октомвриска ноќ со уметност, поезија и вино во градската библиотека „Борка Талески“, Прилеп

Октомвриска ноќ со уметност, поезија и вино во градската библиотека „Борка Талески“, Прилеп

Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) - Во пресрет на „11 Октомври“, еден од најголемите национални празници, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, денеска, во 18:30 часот, ќе биде отворена поставка на дела од академскиот сликар Сергеј Андреевски.

Во рамките на настанот со наслов Октомвриска вечер: Прослава на уметноста, поезијата и виното“, како што стои во најавата, реномирани актери ќе читаат поезија од Петре М. Андреевски и Светлана Христова - Јоциќ.

-Чест ми е што за прв пат, токму спроти Денот на народното востание на македонскиот народ, ќе претставам дел од моето творештво во градот на непобедените, изјави Сергеј Андреевски.

Според директорката на библиотеката Моника Талеска, токму овој е моделот како треба денес 82 години по почетокот на антифашистичката борба и 32 години од независноста на државата да се чествуваат големите и значајни датуми од нашето богато и бурно историско минато.

-Чест ни е што академскиот сликар Сергеј Андреевски ја прифати нашата покана за изложба со избор негови дела, кои што ќе го означат неговиот креативен и професионален развој, како реномиран уметник и македонски амбасадор на уметноста, културата, историјата, сė она што е одлика на македонските вредности и убавини, вели директорката Талеска.

Како што информира Талеска, во рамките на овој настан тројца актери од прилепскиот театар: Даниела Иваноска, Наташа Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски ќе рецитираат избор поезија од Петре М. Андреевски и од Светлана Христова - Јоциќ.

-Современите битки се водат со промоција на модерно културно „оружје“ -  уметност, песна, оро, храна, вино ... Оттука за време на настанот ќе бидат дегустирани и вина од наша македонска винарија, со цел промоција на нашата винска култура и поддршка на бизнис секторот, вели Талеска. вг/аа/

Фото: Принтскрин плакат

Остани поврзан