• понеделник, 23 декември 2024

Околу 3 000 учеснички ја истрчаа Авицена Женска трка

Околу 3 000 учеснички ја истрчаа Авицена Женска трка

Скопје, 9 април 2023 (МИА) - Во Скопје денеска се одржа 11-то издание на Авицена Женска трка, во која учествуваа над 3 000 учеснички. Ова, според организаторите, е нов рекорд на натпреварувачки.

-Со денешната 11-та Авицена Женска трка, со поставен рекорд од 3 000 учеснички, припадничките на понежниот пол покажаа дека се грижат за себе, своето тело и здравје. Исклучително сум среќна што оваа трка од година во година привлекува сѐ поголем број натпреварувачки. Ги поканувам сите заинтересирани да се пријават и земат учество на трките во наредниот период, а секако ги чекаме и наредната година на 12-тото издание на Авицена Женска трка, изјави Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.

Стартот и целта на 3 километарската трка беа на булеварот „Илинден“ кај фонтаната Лотос.

Победничка на овогодинешното издание на Авицена Женска трка беше Биљана Кираџиева за 10 минути и 56 секунди, второто место ѝ припадна на Рената Соколовска за 11 минути и 20 секунди, додека пиедесталот го дополни Фросина Михајловска за време од 11 минути и 30 секунди.

Стартот на трката го означи директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, додека наградите ги додели градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров.

Доделени беа и признанија за најбрзите во седум возрасни категории. По доделувањето на наградите следуваше лотарија со извлекување на стартни броеви и најсреќните се здобија со подароци од партнерите на трката.

И оваа година Женска трка во соработка со Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, даде придонес во зголемување на јавната свест за мултипла склероза.

-Посебно задоволство ни претставува што оваа година учество зедоа и жени кои боледуваат од мултипла склероза и на тој начин докажаа дека покрај хроничната и макотрпна болест со која се соочуваат секој ден, достоинствено беа рамо до рамо со голем број наши соработници, искусни маратонци, познати и помалку познати лица и дадоа несебична поддршка во зголемувањето на општата свест за МС. На овој начин ги охрабрија сите лица со МС да бидат активни и докажаа дека се повеќе од МС, соопштија од Националното здружение.бт/аа/

Фото: Авицена Женска трка

Остани поврзан