• четврток, 26 март 2026

Околу 200 000 граѓани вадат документи онлајн, на uslugi.gov.mk се издаваат по 13 200 месечно

Околу 200 000 граѓани вадат документи онлајн, на uslugi.gov.mk се издаваат по 13 200 месечно

Скопје, 21 септември 2025 (МИА) - Сите три потврди за неосудуваност (казнена, кривична и прекршочна евиденција), уверение за државјанство, петте најкористени услуги од Катастарот, потврдите за стаж од Агенцијата за вработување и Фондот на ПИОМ, се само некои од документите што граѓаните може да ги извадат онлајн и за многу кратко време од Националниот портал https://uslugi.gov.mk/. Кога Порталот почна со работа се даваа по 1 200 услуги месечно, а сега по 13 200. Зголемен е и бројот на корисници, од околу 100 000 на 200 000, рече денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Според него, денес се скоро 70 институции „закачени“ на Платформата за интероперабилност, а во почетокот беа 40.

-Интероперабилноста значи дека тие веќе разменуваат податоци меѓу себе и како што најавив, до крајот на мандатот ќе се обидеме сите најкористени услуги од граѓаните да ги донесеме на Националниот портал https://uslugi.gov.mk/. Искористеноста е голема, од 1 200 услуги месечно што беа давани од порталот кога почна со работа, денес се 13 200, а бројот на корисници од околу 100 000 е зголемен на 200 000. Тоа значи дека граѓаните го препознаваат. Државјанство се вади целосно онлај и излегува за една минута, а потврдите за неосудуваност излегуваат за многу кратко време и не треба да одите до градот од каде потекнувате за да ги добиете, истакна Андоновски на прес-конференција одговорајќи на новинарски прашања.

Последна дигитализирана, напомена министерот, е услугата на Државниот завод за статистика што ја користат сите студенти при запишување година или семестар.

Андоновски на прес-конференцијата го најави претстојниот „Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025 (WBDS25)“. мч/дма/

фото: МИА

 

 

Остани поврзан