• понеделник, 23 декември 2024

Околу 1.500 учесници в недела ќе трчаат на Виз Ер Скопски маратон

Околу 1.500 учесници в недела ќе трчаат на Виз Ер Скопски маратон
Скопје, 1 октомври 2020 (МИА) – Низ улиците на македонската престолнина в недела, на 4 октомври, по 16. пат ќе се одржи Виз Ер Скопски маратон. Директорот на трката, Кире Синадиновски на денешната прес-конференција кажа дека околу 1.500 тркачи ќе учествуваат во трите дисциплини.
  • Беше неизвесно дали ќе се одржи маратонот, но се големи напори успеавме да се подготвиме. Воведовме специјални протоколи за да се запази безбедноста на сите учесници и добивме дозвола од надлежните. Годинава ќе се трча во три дисциплини: маратон, полумаратон и штафетна трка. Пандемијата си го стори своето, па нема да има тркачи од Африка, туку само од Европа, рече Синадиновски.
По традиција Скопскиот маратон е помогнат од Град Скопје.
  • Честитки до организаторите кои успеаја да изнајдат начин за одржување на безбедна манифестација. Град Скопје традиционално го помага маратонот и логистички и со финансиски средства. Им посакувам на сите безбедна трка и добри резултати, истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
На прес-конференцијата присуствуваше и актуелниот македонски шампион Александар Кираџиев.
  • Очекувам квалитетна трка и покрај тоа што ќе ги нема натпреварувачите од Африка. Јас лично очекувам подобрување на резултатот и одбрана на титулата македонски шампион, потенцира Кираџиев.
Годинава ќе биде променето место на стартот и целта. Тркачите ќе тргнат и ќе пристигнуваат пред СЦ „Борис Трајковски“ поради поголемиот простор кој овозможува почитување на протоколот. На секои 10 секунди ќе тргнуваат по пет тркачи кои до самиот старт ќе носат маски, а исто така веднаш по пристигнувања на целта ќе мора да стават маски. зс/

Тагови

Остани поврзан