• четврток, 26 март 2026

Од утре до крајот на декември во Србија ќе се спроведе истражување за здравјето на населението во државата

Од утре до крајот на декември во Србија ќе се спроведе истражување за здравјето на населението во државата

Белград, 30 септември 2025 (МИА) - Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ денеска објави дека од 1 октомври до 30 декември ќе спроведе истражување за здравјето на населението на Србија во 2025 година.
Носител на истражувањето е Републичкиот завод за статистика на Србија, во соработка со Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ и Министерството за здравство.

Анкетата за здравјето на населението на Србија е национално истражување што се спроведува во согласност со стандардите на Европската унија (Европско истражување за здравство - EHIS), на секои шест години.

Главната цел е да се обезбеди континуитет и споредливост на податоците со претходните циклуси, како и да се добие сеопфатен опис на здравствената состојба на населението на возраст од 15 години и повеќе.

Истражувањето вклучува 4.800 случајно избрани домаќинства, а резултатите ќе бидат прикажани и на ниво на Србија и по статистички региони: Војводина, Белград, Шумадија и Западна Србија, Јужна и Источна Србија.

Истражувањето собира информации за тоа како граѓаните го проценуваат своето здравје, до кој степен користат здравствена заштита и како се грижат за сопственото здравје преку усвојување на одредени животни стилови.

Добиените резултати ќе се користат за планирање на здравствената заштита, проценка на ширењето на разни болести и идентификација на причините за нивно појавување, со цел подобрување на јавното здравје во Србија, се вели во соопштението. зш/

Остани поврзан