• понеделник, 23 декември 2024

Од „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“ до Т – предметите на СЈО

Од „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“ до Т – предметите на СЈО
Скопје, 3 јануари 2021 (МИА) – Наместо разврска на предметите отворени од Специјалното јавно обвинителство, 2020 година донесе разврска за случајот за злоупотреба на службената должност и овластувања на поранешната прва СЈО Катица Јанева. Пандемијата на КОВИД-19 и новите протоколи за работа во судовите не беа пречка за предметите „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, додека „здружено“ со промената на обвинители, адвокати и судечки совети како да се закочија случаите отворени од поранешното Специјално јавно обивинителство – „Титаник“, „Таргет-Тврдина“, „Траекторија“ ... кои иако отворени пред повеќе од две години се уште траат. Основниот кривичен суд во Скопје и во време на пандемија и строги протоколи за работа во 2020 година, со мал пад во бројот на примени и решени предмети успева да го задржи нивото релативно исто како и во 2019 година. Од 1 јануари годинава почнува долгонајавуваното прочистување на правосудството, кое има за цел да се врати довербата на граѓаните, кои според анкетите имаат најниска доверба во судовите и обвинителствата – само 14 проценти. Од друга страна со 21 евро по глава на жител буџетскиот трошок за судови и обвинителства во земјава останува под просекот за регионот на Западен Балкан од 41,4 евра. Дополнително, спроведувањето на ИТ стратегијата во секторот правда во голем дел зависи од странска помош и донации, покажуваат податоците на Советот на Европа за ефикаснота на судството. Судењето за „Рекет“ заврши за шест и пол месеци Судењето за „Рекет“ каде Катица Јанева беше обвинета заедно со Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоки Милевски-Кичеец почна на 3 декември 2019 и заврши за шест и пол месеци, на 18 јуни 2020, кога таа беше првостепено осудена на седум, Боки 13 на девет, а Кичеец на три години затвор. Првото рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“ во кој се обвинети пет лица, меѓу кои Бојан Јовановски-Боки 13 и Фросина Ременски за кривичните дела „измама“ и „перење пари“ се одржа во јули 2020 година и покрај пандемијата тече нормално и веќе се наоѓа во доказна постапка. За разлика од овие предмети, пандемијата со КОВИД-19, новите протоколи за работа, како и промената на обвинители, адвокати и судечки совети „здружено“ ги закочија случаите од СЈО кои преминаа во ЈО. Додека некои се вратија од почеток како Т.Н.Т., некои се уште траат како Титаник и Таргет-Тврдина, додека изречена првостепена пресуда има за „Насилствата во Општина Центар“, „Титаник 2“, „Тревник“ и „Тарифа“. Иако започнати пред две години, се уште траат „големите“ случаи, како што се предметот за масовното незаконско прислушување „Таргет-Тврдина“, кој почна јануари 2018 година против обвинетите Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Горан Грујевски, Никола Бошковски, Тони Јакимовски, како и случајот за изборни нерегуларности „Титаник“, кој почна во април 2018 година против 21 обвинет, меѓу кои Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Илија Димовски, Билјана Бришковска, Кирил Божиновски… Се уште траат и предметите за изградбата на автопатите „Траекторија“ - кој почна во 2017 година против поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот Љупчо Георгиевски, „Тортура“ - кое почна во март 2018 година против поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шестмина припадници на единицата „алфи“ во МВР, како и случајот „Тендери“ - кој почна во февруари 2018 година против ексминистерката Елизабета Канческа – Милевска. Судењето за предметот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, по повеќе од една година од првото закажано рочиште почна со воведни зборови во март 2020 година, додека првото рочиште по предметот „Моќник" против пратеникот Антонио Милошоски, кој заедно со уште 12 лица се обвинети за продажбата на објект во село Ижишта-Општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница се одржа на 25 ноември 2020 година, но веднаш се одложи. Од друга страна, истрагата за „Империја“, каде што се осомничени Орце Камчев и Сашо Мијалков почна на 9 ноември 2018 година, се уште е во фаза на истрага и сега почнува вештачењето... Основниот кривичен суд Скопје и во време на корона ги совладува предметите Основниот кривичен суд во Скопје и во време на пандемија и строги протоколи за работа во 2020 година успева да го задржи нивото на решени предмети, релативно исто како и во 2019 година. Според податоците објавени на веб страницата на Основниот кривичен суд во Скопје за движењето на предметите во кривичниот оддел во првиот, вториот и третиот квартал за 2020 година биле решени вкупно 27 913 предмети, што е намалување од 2 716 предмети, во однос на 2019 година. Истовремено падот на бројот на новопримени предмети е речиси двојно поголем односно во 2020 година биле примено пет илјади предмети помалку во однос на истиот период 2019 година. Пред пандемијата, односно во првиот квартал за 2020 година Основниот кривичен суд во Скопје има раст од една илјада решени и над 3,5 илјади примени предмети, споредено со првиот квартал на 2019 година. Најголем пад во бројот на решени предмети има во вториот квартал кога имаше и најголеми рестрикции во движењето и работата поради КОВИД-19. Претседателот на Основниот крвичен суд Скопје Иван Џолев во октомрви  2020 година на брифинг со новинарите рече дека во тој момент Судот располага со 48 судии, а според систематизацијата предвидено е да има 70 судии. Тој, исто така, посочи дека од неговото назначување за претседател на Судот во ноември 2017 година досега по разни основи си заминале 20-тина судии, а на нивно место дошле само тројца судии. Пандемијата на КОВИД-19 успеа да поттикне дебата за онлајн судења Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 го промени функционирањето и работењето во сите области од животот. Со почитување на мерките и протоколите - носење на маска и држење социјална дистанца, дезинфекција, мерење температура ... продолжи работата и на судовите низ земјава. Се отвори и дебата за одржување на онлајн судења, но како да се создаде консензус дека за тоа е потребна соодветна опрема за таму каде што нема и законска измена, за таму каде што има услови. Како за секоја работа и тука има пионери. Судот во Кавадарци во април 2020 година го организира првото оналн судење, секако со согласност на обвинетиот. Судот во Кавадарци, исто така, веќе ја има исфрлено хартијата во 90 проценти од своето работење. Судовите располагаат со соодветна опрема, целосно може да го дигитализираат својот процес, појасни за МИА претседателот на судот Лазар Нанев, посочувајќи дека од 1 септември 2020 година во сила е Законот за електронски документи и електронска идентификација и доверливи услуги, кои треба да го применуваат и правосудните системи. Најголемиот суд во земјава - Основниот кривичен суд во Скопје судењата ги организира со физичко присуство на сите странки и со строго почитување на правилата и препораките од здравствените власти. Во помалите судници се одржуваат расправи каде нема повеќе од 5 до 6 странки во постапката додека сите други судења со повеќе странки и заинтересирана јавност се одржуваат во трите големи судници каде е усогласен распоред на седење на одалечност од 2 метри. Воедно судниците редовно се чистат од службите во судот, а еднаш неделно судниците, шалтерите и тоалетите се дезинфицираат од професионална фирма за одржување. Долгонајавуваното прочистување, конечно доби форма Од 1 јануари годинава почнува долгонајавуваното прочистување на правосудството. Согласно новата Методологијата за проверка на работата на правосудството во нашата земја проверката ќе се прави врз основа на извештај со увид во шест предмети за обвинителите и десет предмети за судиите. Ова заедно со новите правилници треба да обезбеди ефикасно судство и јавно обвинителство што ќе ја врати довербата во правната држава. Судскиот совет донесе Интерен план со кој ќе ја следи и оценува работата на судовите, судиите и претседателите на судовите, додека Јавното обвинителство донесе Правилникот за оценување на работата на јавните обвинители. Оценувањето на јавните обвинители ќе започне од 1 јануари следната година, а обвинителите ќе се оценуваат врз основа на шестмесечни извештаи во кои ќе бидат разгледувани шест предмети, од кои три ќе ги посочи јавниот обвинител, додека другите предмети ќе се изберат по случаен избор. Оценувањето на квалитетот на водење на судската постапка ќе се врши преку увид во десет предмети на оценуваниот судија од периодот на оценување од кои пет предмети се добиваат по случаен избор од страна на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети и пет предмети определени од самиот судија чие водење на судска постапка се оценува. Увидот во овие предмети го вршат комисии составени од пет члена на судии од сите апелациони судови, односно од непосредно повисокиот суд, а ги формира Советот по случаен избор. Проверката, како што најави министерот за правда Бојан Маричиќ, има за цел точно да покаже зошто некои предмети траат толку години, како се случило да застарат обвиненијата против обвинети функционери, зошто се враќаат судењата отпочеток, но, и зошто на основани сомненија за криминал обвинителството не отворало или не отвора истрага за одредени лица и компании. Државната комисија за спречување на корупцијата – ДКСК минатата година ги проверуваше претседателите на судовите, а годинава според акцискиот план, најави дека ќе врши проверка на имотната сосојтба на судиите. Согласно методологијата ќе бидат опфатени судиите, за кои има стигнато пријави до нив. Граѓаните имаат најниска довербата во судството – 14 проценти, обвинителството – 14 отсто и Државната комисија за спречување на корупција – 16 проценти, покажуваат наодите од анкетното истражување ЕВРОМЕТАР спроведено од Евротинк – Центарот за европски стратегии во периодот од 10 до 21 декември годинава. Најголема доверба граѓаните имаат во Армијата, 63 отсто, по што следат полицијата  и религиозните заедници со по 43 отсто. ЕК: Има механизми за независно и одговорно судство, треба нивна решителна и доследна употреба Државата во следната година особено ќе треба да работи на имплементација на новата правна рамка поврзана со реформи на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и новиот закон за Јавно обвинителство, се вели во извештајот на ЕК за Поглавјето 23. - Со новиот Закон за јавно обвинителство, донесен во февруари 2020 година се обезбедува основа за професионален и непристрасен обвинителен систем, кој е поотпорен на политички и друг притисок, но многу ќе зависи од неговата соодветна примена. - Како резултат на реформите во изминатите години Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независно и одговорно судство. Треба да се обезбеди нивна решителна и доследна употреба пред да се предвидуваат понатамошни промени во оваа област. - Конфискување на криминален имот треба да биде стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал, тероризам и високо ниво на корупција во земјата, се вели во најновиот извештај на ЕК за земјава. Пораката од ЕК е јасна, реформската легислатива во правосудството и борбата со корупцијата е завршена, сега треба да се влезе во следна фаза, односно донесената легислатива доследно да се спроведе во пракса. Александар Атанасов    

Остани поврзан