• недела, 22 декември 2024

Од предозирање со дрога за една година во САД умреле над 100.000 лица

Од предозирање со дрога за една година во САД умреле над 100.000 лица
Вашингтон, 17 ноември 2021 (МИА) – Само во последната година над 100.000 Американци починале од предозирање со дрога, што здравствените власти го поврзуваат со пандемијата со Ковид- 19 и присуството на уште поопасните опијати во системот за снабдување со лекови. Во САД смртноста од предозирање расте повеќе од две децении, а во последните две години е забрзана и, според последните податоци, во последната година е зголемена за речиси 30 отсто. Врз основа на најновите достапни податоци од регистарот на смртни случаи, американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) проценува дека од мај 2020 година до април 2021 година 100.300 Американци починале од предозирање со дрога, иако, според американските медуми, ова не се официјални податоци. ЦДЦ претходно соопшти дека во 2020 година имало околу 93.000 смртни случаи од предозирање, што дотогаш беше најголем број регистриран во една календарска година. Роберт Андерсон, шеф на статистиката за смртност на ЦДЦ, изјави дека во календарската 2021 година бројката на починати од предозирање веројатно ќе надмине 100.000. -Бројката е поразителна. Тоа е размерот на смртните случаи од предозирање какви што досега не сме виделе во оваа земја, вели Кетрин Кис, експерт од Универзитетот Колумбија за злоупотреба на дрога. Смртноста од предозирање со дрога сега ја надминува смртноста од сообраќајни несреќи, оружје, па дури и од грип и пневмонија. сд/

Остани поврзан