• вторник, 06 јануари 2026

Од пладне до полноќ на Бадник во Битола, Спилеон од картонска кутија - уште една незаборавна традиција

Од пладне до полноќ на Бадник во Битола, Спилеон од картонска кутија - уште една незаборавна традиција

Битола, 6 јануари 2026 (МИА) - Синоќешните коледарски огнови и утринските коледари го најавија Бадник кој во Битола денеска се слави од пладне до полноќ.
Битолчани претпладнево од градскиот пазар купуваат овошје, костени и ореви за празничната трпеза, но и бадникови гранчиња кои ги поставуваат на влезната врата од домот.

- Подготвени го дочекуваме празникот. Посните питулици, а јас ги подготвувам со лук, подготвени се за печење, а на трпезата ќе има гравче и посни сарми. Но, до полноќ, кога на Бадник секој треба да биде буден, на трпезата ќе имаме и варени костени и многу овошје. На влезната врата поставуваме бадниково гранче од дабово дрво кое, како што е познато, е вечен симбол на најиздржливо и највековито дрво. Бадниково гранче чуваме и во домот до домашната икона, а ланското, како што прават и нашите соседи, го ставивме во синоќешниот коледарски оган, истакна нашата соговорничка Мирјана Кузманова.

Најмладите битолчани Бадник почнуваат да го слават од пладне кога собрани на плоштадот „Магнолија“  учествуваат на традиционалната Бадникова поворка.

- Деновиве изработувавме бадникови ѕвезди кои на денот на празникот ќе бидат во рацете на децата од нашиот град. Најнапред ќе го посетиме храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, а потоа по Широк сокак ќе се упатиме до битолскиот Офицерски дом каде поворката завршува со собир на сите деца кои со ѕвездички во рацете уште еднаш ќе потсетат на Витлеемската ѕвезда која според преданијата се појавила на небото кога се родил Господ Исус Христос, посочи Никола Ѓоргиев, кој и годинава со своето дете се вклучува во Бадниковата поворка.

Велат, за Бадник кај и да си – дома да си! Така ќе биде и вечер кога семејствата ќе се соберат на вечера со богата трпеза и посна храна.

- За разлика од другите градови, во Битола имаме уште една незаборавна традиција која јас како повозрасен ја пренесов на моите внучиња. Пред празникот од картонска кутија изработивме „Спилеон“ или како што ние го викаме „Спиљон“, мала пештера која ја симболизира Витлеемската пештера. Дечињата тропаат од врата на врата најавувајќи го Христовото раѓање. Спилеонот вечер ќе биде во наша непосредна близина и така на Бадник ќе го чекаме Божик, потсети пензионерот Петар Петровски (75), честитајќи ги празниците со пораката – За многу години!

Како некогаш, секогаш, така и годинава, во црквите и манастирите на преспанско-пелагониската епархија на Бадник, пред Божик се одржуваат црковни богослужби. мт/паг/

Фото: МИА
 
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан