• петок, 22 ноември 2024

Од одлуката на Советот на Општина Центар зависи дали ќе се реализира проектот спроти „Холидеј ин“

Од одлуката на Советот на Општина Центар зависи дали ќе се реализира проектот спроти „Холидеј ин“
Скопје, 17 април 2021 (МИА) – Одлуката што ќе ја донесе Советот на Општина Центар за суспензија на Деталниот урбанистички план, на седница, која се уште не е закажана, ќе пресуди дали на локацијата спроти хотелот „Холидеј ин“ ќе почне изградбата на висококатницата. Бидејќи Уставниот суд минатиот месец го укина мораториумот за тој ДУП, единствен начин да се спречи изградбата, е Советот на Општина Центар да донесе одлука за суспензија на овој спорен ДУП, кој не е во согласност со Генералниот урбанистички план, но, штетите доколку се влезе во постапката за суспензија, а не се постигне посакуваниот ефект, ќе ги сноси Општината. Доколку одлуката на Советот е во насока на суспензија на планот ќе треба да достават елаборат до Министерството за транспорт и врски на кој тие ќе треба да дадат мислење. Министерството потоа има рок од 15 дена да даде свое мислење и повторно се враќа во Советот на Општината на конечна одлука. - Доколку се работи на суспензија на цел план, има можност за суспензија од 12 месеци додека се донесе новиот план. Доколку се работи на суспензија на само еден дел од тој план тогаш има можност за шест месеци да биде суспендиран тој план и во тие шест месеци да се донесе промената која што би била адекватно и соодветно за таа матична општина, изјави во четвртокот министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Во декември 2020 година, Општина Центар се обратила до Министерството за транспорт и врски со барање одговори за воочени недостатоци во членот 23 од Законот за урбанистичко планирање со мислење за суспензија на Детален урбанистички план. Во интервјуто за МИА, Богдановиќ рече дека од Министерството треба да им дообјаснат одредени методологии како да пристапат, бидејќи, како што посочи, елаборат е општ поим. Од Министерството за транспорт и врски, за МИА одговорија дека од страна на општина Центар до нив нема доставено елаборати за суспензија. -Со Законот за урбанистичко планирање точно се утврдени постапките кога и на кој начин може да се суспендира еден план. Доколку општина Центар достави елаборат за суспензија, стручните служби во Министерството ќе го разгледаат и ќе дадат соодветно мислење и постапката повторно ќе се врати во Советот на општина Центар. Би сакале да информираме дека Министерството за транспорт и врски нема законска надлежност да носи какви било одлуки во делот на локалните надлежности, во овој случај Деталните урбанистички планови ги носи самата општина, велат од Министерството за МИА. Инвеститорот „МГ Фешн“ преку електронскиот систем на Општината веќе поднел барање за градежна дозвола, но како што вчера изјави градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, тоа барање се уште не е потпишано. Според претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска, градоначалникот треба да размисли пред да ја донесе одлуката за давање на дозвола на планот и да ги испита сите можности за да го стави планот под суспензија. Иако постои забраната од Уставен суд за преземање какви било дејствија, Богдановиќ во интервјуто за МИА рече дека нема да дозволат такви габарити да се градат, додека не се усогласат максимално со сите законски рамки. Новиот Закон за урбанистичко планирање причина за одлуката на Уставниот суд Богдановиќ на седницата на Советот на Општината што се одржа во четвртокот нагласи дека во стариот Закон за урбанистичко планирање, општините немале никакво ограничување за тоа колку ќе трае суспензијата или неспроведувањето на плановите, ниту пак било утврдено кој ќе ја сноси штетата доколку одредена суспензија или каква било друга одлука биде донесена. Новиот Закон за урбанистичко планирање е ограничувачки и дава рокови за суспензија од шест месеци за дел од ДУП и 12 месеци за цел ДУП. Доколку се пробијат роковите или пак се нанесе некаква штета при носењето на ДУП-от, одговорен е донесувачот на планот, односно Советот на Општина Центар. Според новиот Закон за урбанистичко планирање штетите што би настанале од суспендирањето на планот и отстранувањето на недостатоците на урбанистичкиот план ќе ги сноси Општина Центар. - Во новиот Закон за урбанистичко планирање јасно се дефинирани можностите за суспензија и уште полошо, што за секоја започната активност за суспензија, трошоците за штетите што евентуално би настанале како лоша последица, треба да ги сноси тој што е донесувач. Тоа е Советот на Општина Центар или индиректно, општината. Во претходниот закон тоа не беше предвидено, така да некој и да покренеше таква иницијатива, во законот немаше можност за „претрпена штета“, вели Богдановиќ. Жителите на Ново Маало со поддршка на проектот, бараат Општината да даде согласност за реализација Жителите на населбата Ново Маало во Центар сметаат дека со проектот, кој е предвиден да се гради на парцелата спроти „Холидеј ин“ ќе се реши проблемот на многу семејства кои, како што велат, сé уште живеат во супстандардни услови, како да е 19 век или биле принудени да ги напуштат своите куќи. - Нецивилизирано место за живеење, живеење во септички јами, без одвод, буквално 19 век и сето тоа се чека заради сите тие превирања на институции - сега ќе го направиме, сега ќе го направиме, а досега ништо. Верувам дека ова е последен апел, дека треба да се почне веднаш и сега. Греота е за овие 100 до 200 фамилии што се наоѓаат на целиот простор, затоа го оправдуваме овој проект, рече во изјава за медиумите Игор Стојанов, жител на Ново Маало. Љупчо Велков, кој е исто така жител на оваа населба, изрази револт бидејќи други одлучуваат за местото каде тие живеат. - Ние сме газди на овие куќи. Кога ќе се изградат тие згради во планот сме и ние, рече Велков, додавајќи дека не разбира зошто на некого ќе му пречат три висококатници. Инвеститорот „МГ Фешн“ на презентацијата на проектот во средата изрази благодарност на жителите на Ново Маало за нивната поддршка и соработка за реализација на проектот. „МГ Фешн“, како што посочија, останува отворена за комуникација со сите сопственици на имот и нивно адекватно обесштетување со цел закружување на проектот. Петицијата против изградба на висококатници спроти „Холидеј ин“ ја потпишале повеќе од 9.500 граѓани Жителите на Ново Маало не ја поддржуваат петицијата против изградба на висококатниците спроти Холидеј Ин, што граѓаните ја започнаа и велат дека кога проектот ќе започне да се гради ќе остварат состанок со инвеститорот, со цел да започнат преговори за да добијат живеалиште од предвидениот проект. Еден од организаторите на оваа петиција, Антони Пешев, за МИА изјави дека нивната цел не е да не се гради на таа локација, туку да се гради хумано. - Целта на петицијата е да се подигне свесноста на граѓаните дека се случува нешто и да се каже „не“ за градење на нехумани објекти со големи габарити, без да се решат претходните прашања. Луѓето не рекоа „не“ за градење, туку „не“ за нехумано градење. Никој не рече таму не да се гради. Го злоупотребуваат тоа и велат дека петицијата барала да не се гради. Не е точно тоа. Петицијата не го вели тоа, туку вели да се гради хумано, вели Пешев за МИА. Во петицијата стои дека според направени пресметки, овој ДУП за 8,8 пати ги надминува параметрите на ГУП-от во однос на површината за домување и бројот на жители. Проектот презентиран од инвеститорот „МГ Фешн, ќе се гради во три фази Идејниот проект предвидува вкупно развиена бруто површина над земја од 89.627 квадратни метри или малку повеќе од половина од површината дозволена за градба, а максималната катност е П+22. Паркирањето ќе биде обезбедено исклучиво во градежната парцела 1.1 во три подземни нивоа со 969 паркинг места. Објектот ќе се состои од три кули со различна намена од кои две се за домување, кои би гледале кон Кеј „13 Ноември“, а деловната зграда е со помала катност П+16 и би гледала кон деловната зграда на Соравија. Трите кули во приземјето и на катот ги врзуваат деловни содржини, локали и канцеларии. Влезот за возила е предвиден да биде преку улицата „Мирче Ацев“, која треба да прерасне во булевар и улицата „Два“. Предвидени се два влеза, еден е под деловната зграда и еден од спротива, каде што би биле локалите, како и излез, додека на Кеј „13 Ноември“ би имало само еден излез. Во првата фаза се предвидува изградба на станбено деловен простор со катност П+20+потпокрив, во втората П+22 и во третата фаза деловната зграда со П+16 и локалите кои се наоѓаат во приземје со катност П+. На горните катови е сместено домувањето и канцелариите, а на приземјето и дел од катот се резервирани за локали кои гравитираат кон улиците. Во двете кули вкупно има околу 400 станови со околу 1.200 жители, што е нешто повеќе од предвидените 850 на хектар. На целата локација предвидено е зеленило на површина од 6.250 квадратни метри во партерот и деловните површини што, како што велат, е многу повеќе од законскиот минимум од 20 отсто. Во тоа зеленило не влегува балконското зеленило. Би имало и пешачка улица меѓу објектите која би се поврзала со Градскиот трговски центар и Кејот „13 Ноември“. Градежната парцела 1.4 е со приближна големина на Плоштадот „Македонија“ и на неа според ДУП-от не се предвидува градба на објекти, туку фонтана со спомен обележје. Марија Спасовска    

Остани поврзан