• недела, 22 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
5 април 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 23 март. Денеска е Преподобен маченик Никон и 199-те ученици. Свети Никон беше родум од Неапол. Татко му беше незнабожец, а мајка му христијанка. Таа и го воспита во Христовиот дух. Како помлад тој беше офицер во римската војска, а подоцна ја напушти војската и се повлече во еден манастир при кизичкиот епископ Теодосиј, во Азија. После смртта на Теодосиј, неговата катедра ја наследи Никон. Подоцна Никон се пресели на Сицилија заедно со девет свои другари уште од војската и таму многумина привлече кон Христа. Беше погубен, заедно со своите 199 ученици, во времето на прогоните на императорот Декиј. Единствената вина на овој славен и беспрекорен маж беше неговата силна и цврста вера во Христа. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Цветна недела - Цветници. Овој ден е спомен на Исусовото влегување во Ерусалим, каде што по пет денови тој бил погубен. Исус Христос во градот бил пречекан од маса луѓе меѓу кои имало и деца кои во рацете носеле маслинови гранчиња. Но, меѓу луѓето не биле присутни градските, народните, ниту верските старешини. Во тој град Исус ќе биде распнат на крст за спасение на светот. Денешниот ден не повикува подлабоко да ја доживееме тајната на тие случувања. Во се што ќе доживееме овие денови е скриена и тајната на нашето верување и неверување во Исус Христос, нашиот Спасител. ###

Остани поврзан