• сабота, 23 ноември 2024

Одржано 47-то издание на Делчево Фест 2023 и Пијанечко-Малешевска свадба како придружна манифестација

Одржано 47-то издание на Делчево Фест 2023 и Пијанечко-Малешевска свадба како придружна манифестација

Делчево, 9 септември 2023 (МИА) – Дарко и Тамара Спасови ја крунисаа својата љубов на стар автентичен начин со адети оставени од дамнина во Пијанечко-малешевското поднебје. Тие денеска беа главни ликови на традиционалната Пијанечко-малешевска свадба која годинава го има своето 17-то издание, како придружна манифестација на Меѓународниот фолклорен фестивал „Делчево-фест“.

Во рамки на настанот се одржа дефиле по што младоженците беа примени од градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој честитајќи им го бракот на младите и посакувајќи им долг и среќен заеднички живот, посебно им честиташе што тие ја продолжуваат старата традиција и што со нив продолжува да живеат старите свадбарски обичаи кои под влијание на новото време полека паѓаат во заборав.

- Традицијата е таа која го чува нашиот идентитет и наша обврска е да ја продолжиме, да ја промовираме и да се гордееме со неа, бидејќи таа ни е оставена како аманет од нашите предци. Посебно изразувам задоволство што организаторот на традиционалната свадба КУД „Гоце Делчев“ успеа да ја сочува свадбарската традиција и на тој начин да ја сочува и да ја промовира богатата палета свадбарски обичаи од овој регион. Уште еднаш им посакувам на младите долг и среќен брак, благословен со многу дечиња, рече Трајковски.

Свадбарските адети беа промовирани на летната сцена во рамките на 47-тиот по ред Меѓународен музички фолклорен фестивал „Делчево-фест“ на кој настапија 20 фолклорни групи и солисти од земјава и од Србија, Бугарија и Турција.

Организатор на манифестацијата е Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ во соработка со соседните општини и здруженија од областа на културата. Покровител на „Делчево фест“ е градоначалникот на Општина Делчево, а поддржувач Министерство за култура на Република Северна Македонија. вс/ир

Фото: МИА

Остани поврзан