Одржана комеморација за Насе Насев
- Соработници, колеги, пријатели и членови на семејството денеска на комеморација во Скопје се простија од легендата на македонското борење во слободен стил Насе Насев, кој почина во саботата на 80-годишна возраст, по кратко боледување.
Скопје, 5 септември 2023 (МИА) – Соработници, колеги, пријатели и членови на семејството денеска на комеморација во Скопје се простија од легендата на македонското борење во слободен стил Насе Насев, кој почина во саботата на 80-годишна возраст, по кратко боледување.
На комеморацијата која Македонскиот олимписки комитет (МОК) ја организираше во СЦ „Јане Сандански“ беше истакнато дека Насев остави голем траг и со своите успеси ги „задолжи“ помладите генерации да продолжат по неговиот пат.
Најблиските соработници како од борењето, така и од МОК, меѓу кои Васил Тупурковски, Могамед Ибрагимов, Даниел Димевски, Ванчо Чифлиганец и Дејан Богданов се потсетија на заемната соработка и дружба со Насев.
Доајенот на македонскиот спорт и долгогодишен селектор на националниот тим во борење слободен стил Насев беше погребан вчера во Кочани.
Насев беше спортски директор во МОК и првиот член на Клубот на великани на МОК, а во јуни оваа година шефот на државата Стево Пендаровски го одликува со „Медал за заслуги“ за неговиот огромен придонес во афирмација на македонскиот спорт и држава. ег/свс
ФОТО: МИА