• сабота, 30 ноември 2024

Одржана завршната конференција на Проектот „Синдикатот нов поттик за младинско учество“

Одржана завршната конференција на Проектот „Синдикатот нов поттик за младинско учество“

Скопје, 30 ноември 2024 (МИА) - Повеќе од 60 млади членови на Синдикатите, но и претствници од голем број релевантни институции кои во својот фокус ги имаат младите учествуваа на завршната конференција на проектот Trade unions – New impetus for youth participation што се одржа во Скопје.

Овој интерактивен настан, како што соопштуваат од УПОЗ, опфати динамични индивидуални презентации, панел дискусија на која учесниците на синдикатите ги споделија своите искуства за работа со младите, а на крајот се реализираше и работна групи за тоа како треба да продолжи реализацијата на овој проект. 

На почетокот свое обраќање имаше претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, кој е Проект координатор на проектот ТУНИ2023, кој пред присутните ги презентираше активности што беа спроведени за времетраење на овој проект. Европскиот проект Ерасмус + ТУНИ го реализираат партнерите од три сектори, а тоа ссиндикатите, образованието и младите, обединувајќи актери од Северна Македонија, Србија, Словенија, Турција и од Грција.

-Претседателот Деаноски се осврна на неколку сегменти, а главен акцент беше ставен на спроведените истражувања се со цел да испита колку младите ги препознаваат синдикатите како заштитници на нивните права, а посебен акцент се стави на одржувањето на Првата синдикална академија организирана од Развојниот центар за млади од Белград, која ја посетија повеќе од 50 учесници. За одржување на Синдикалната академија, беа изработени четири модули, низ кои младите синдикалци, на неформален начин се стекнуваа со нови знаења и вештини. Ваквите собири треба да продолжат и во иднина, затоа што младите се движечката сила на синдикатите, а со нивната посветеност и едукација, може да придонесат за поголема вклученост во креирањето на политиките во Синдикатите, стои во соопштението.

На крајот од своето излагање, претседателот Деаноски, се додава, ги запозна присутните за реализираната студиска посета на Синдикатот Млади Плус од Словенија, за посетата на Европската комисија и Европската федерација на синдикатите од Јавниот сектор (ЕПСУ) во Брисел, но и за целокупниот тек на кампањата која беше спроведена од страна на партнерите од Грција. 

Проект офицерот за проектот ТУНИ Елиса Марзано, на присутните ученици им ја презентираше работата на Европската комисијата, но ги запозна и со новите повици кои ќе следат од 2025 година, се со цел да ги охрабри младите учесници да аплицираат на дел од понудените повици. 

Програмскиот директор Александра Кнежевиќ во име на конзорциумот на проектот ТУНИ2023 пред присутните ги пренесе впечатоците на Конзорциумот и посочи дека младите се голем извор на енергија, која Синдикатите мора да ја искористат и да им се даде можност да ги искажат своите ставови. 

Во рамки на завршната конференција, се одржа панел дискусија на која учество зедоа претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, Сабина Лебен од Синдикатот Млади Плус од Словенија, Христос Левадис од УСБ Грција и Бурхан Јилдиз од Синдикатот Хизмет Иш, кои ги пренесоа своите искуства и начинот на работа со младите. На оваа панел дискусија, можеа да се слушнат најразлични начини на работа со младите, а како заклучок од оваа панел дискусија е дека е потребно Синдикатите да стават акцент на поголема дигитализација, се со цел да бидат пристапни до што повеќе млади. 

На крајот од оваа работилница, се реализираше и работа по групи на кои се дискутираше за натамошниот тек на овој проект, но и за идеите како тој да се подобри. 

-Иако ова е прв ваков проект на Синдикатот на УПОЗ, кој преставуваше огромен предизвик за реализација, со спроведените активности проектните задачи во целост беа реализирани, а со оглед на постигнатите резултати можеме да ветиме дека во март 2025 година, ќе биде поднесена нова апликација и се надеваме дека оваа приказна нема да застане тука, најави претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски кој воеднп се заблагодари на сите учесници на проектот, а особено на партнерите во овој проект- Развојниот центар за млади и Институтот за филозофија и социјална теорија од Србија, Синдикатот Хизмет Иш од Турција, УСБ од Грција и Синдикатот Млади Плус од Словенија, стои во соопштението. вг/

Фото: УПОЗ

Остани поврзан