• недела, 22 декември 2024

Одобрени бескаматни кредити од ,,Ковид 1" линијата на 738 претпријатија кои вработуваат 6.524 лица

Одобрени бескаматни кредити од ,,Ковид 1
Скопје, 12 мај 2020 (МИА) - Владата на денешната седница ја усвои информацијата на Развојната банка на Северна Македонија за четвртата група обработени кредитни апликации со што се исцрпени предвидените фондови за првата бескаматна кредитна линија ,,Ковид 1". Со оваа четврта група, на вкупно 738 претпријатија кои вработуваат 6.524 лица им се одобрени кредитните барања за бескаматен кредит од ,,Ковид 1" линијата. Средствата од кредитната линија се исцрпени заклучно со пристигнати кредитни апликации на 6-ти април 2020 година, до крајот на работното време. Процесирањето на кредитните барања, согласно јавниот повик, е по принципот ,,прв дојден, прв услужен". Од 738 претпријатија чии кредитни барања се одобрени, 77% или 565 претпријатија се до 10 вработени, 21% или 155 претпријатија се до 50 вработени додека 2% или 18 претпријатија се со 18 вработени. По структура од вкупно одобрените барања, 373 претпријатија со дејност угостителство ја искористиле оваа кредитна линија во износ од 3 милиони евра. Од дејноста на транспортот 320 претпријатија ја искористиле кредитната линија во износ од 2,3 милиони евра. Од дејноста на туризмот 43 претпријатија ја искористиле оваа кредитна линија на вкупен износ од 252 илјади евра. Во денешната информација на Влада беа предложени дополнително уште 107 кредитни апликации со вкупно 936 вработени кои ги исполнуваат условите, во износ од 776 илјади евра. Од овие 107 компании, најголем дел се микро претпријатија до 10 вработени, 80%, додека 16% се мали претпријатија до 50 вработени. По дејности, 44 претпријатија се од дејноста на транспорт, 60 се од дејноста на угостителството и три се од дејноста на туризмот, соопшти владината прес-служба. На оваа седница Владата ја донесе и Програма за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, согласно која ќе се врши исплатата на финансиски средства за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност - баратели на финансиска поддршка, погодени од здравствено - економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, за месеците април и мај 2020 година, во висина од 14.500 денари месечно.фф/са/

Остани поврзан