• понеделник, 23 декември 2024

Одложено испраќањето на новиот македонски амбасадор во Москва

Одложено испраќањето на новиот македонски амбасадор во Москва
Скопје, 1 март 2022 (МИА) - Шефот на дипломатијата Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите рече дека е одложено испраќањето на новиот македонски амбасадор во Русија. - Ние донесовме вчера одлука да го одложиме упатувањето на нашиот амбасадор во Русија кој требаше да оди на 15-ти март, рече Османи, појаснувајќи дека вчерашниот апел на МНР сите граѓани на Северна Македонија што се наоѓаат во Русија да се вратат, е поради тоа што може да се случи наскоро да не можат да го сторат тоа, поради забраните за летови за Русија. Османи додаде дека имаме многу наши граѓани, студенти, бизнисмени кои се наоѓаат во Русија по разни основи. - Таму не предвидуваме безбедносно нарушување, но тоа соопштение го пуштивме поради затворањето на воздушниот простор и таа листа на земји што го затвораат воздушниот простор за руски компании се повеќе се ограничува можноста за комерцијални летови. И затоа ги предупредивме доколку немаат неодложни некои активности да се вратат во земјата бидејќи може да бидат во ситуација утре да не можат да најдат начин да се вратат овде, додаде Османи.   На прашањето дали има податок од партнерите во НАТО колку се реални нуклеарните закани од страна на рускиот претседател, Османи оцени фактот што воопшто се спомнува таа можност од страна на претседател на држава кој поседува нуклеарни капацитети е загрижувачко. - Таа реторика не смее да биде ниту дел од политичката реторика на закани. Така што состојбата е загрижувачка поради фактот што во оваа реторика и во овој јавен дискурс влегува и зборот нуклеарна закана. Внимателно ги следиме тие прашања, се надеваме дека ова прашање кое може да биде губитничко за сите и за целиот свет, воопшто да не биде дел ниту од јавната комуникација и во делот на заканите, оцени министерот.

Прашан дали може да се очекува реципроцитет во однос на одложувањето на упатувањето на македонскиот амбасадор и дали планира да се сретне со рускиот амбасдор, Османи вели дека сите одлуки ќе се носат во координација.

- Доколку некој од МНР го сретне рускиот амбасадор ќе биде за демарш – осуда на оваа инвазија. Меѓутоа, ние донесовме одлука вчера да не го упатиме нашиот амбасадор кој требаше на 15-ти март да ги предаде писмата до претседателот на Руската Федерација за тоа го одложиме поради нашиот став во оваа ситуација, рече Османи.   Во однос на сто отсто усогласувањето со санкциите на ЕУ кон Русија, министерот рече дека тука не се бориме само за Украина, се бориме за принципите, за меѓународното право. - Прво уште од 2014 година Албанија и Црна Гора имаа стопроцентна усогласеност на надворешната политика со таа на ЕУ, само ние имавме 95,7 заради тоа што во 2014 тогашната влада не се придружи на санкциите кон Русија после анектирањето на Крим. ЕУ од 2014 имаше континуирано воведување на мерки за да ја одврати Русија од обидите за понатамошно анектирање на суверени држави бидејќи ова веќе не е прашање на загрозување на Украина. Кога ќе воведете принцип да можете суверени држави да ги анектирате со воени средства тогаш очекувајте и на вас кога ќе ви дојде редот. И затоа тука не се бориме само за Украина, се бориме за принципите, за меѓународното право. Ние сега се одлучивме да ги воведеме тие санкции и со тоа ја усогласивме нашата надворешна политика со таа на ЕУ што е и обврска наша, меѓутоа во овој случај не беше прашање на обврска на нашиот европски пат, туку на наше убедување дека она што се случи е апсолутно недозволиво, вели Османи. Министерот истакна оти е изненаден од жестината на поддршката во одредени кругови кон руската позиција во конфликтот, нарекувајќи го тоа како хибридна закана. - Поддржувајќи ја Украина, ние се поддржуваме себеси и јас сум изненаден од жестината на поддршката во одредени кругови кон руската позиција во овој конфликт, обидот за деградирање на нашата позиција, иронизирање на нашата позиција, иронизирање на поддршката што ја даваме на Украина, и тоа верувајте дека е хибридна закана. Нас може да ни личи дека луѓе на социјални мрежи, по Фејсбук така коментираат. Но тоа е поттикнато од одредени центри кои сакаат да ја нарушат довербата на нашите граѓани и институции, оцени Османи.  Тој додаде оти затоа треба сите да се бориме против тие хибридни закани, дезинформации, чија улога, според него, е да ја нарушат довербата на граѓаните во институциите - што е клучен елемент и за безбедноста на државата. нд/мс/  

Остани поврзан