• сабота, 23 ноември 2024

Одложена екстрадиција на До Квон во Јужна Кореја

Одложена екстрадиција на До Квон во Јужна Кореја

Подгорица, 8 август 2024 (МИА) - Советот на Врховниот суд ја одложи екстрадицијата на кралот на криптовалутите До Квон во неговата матична земја, Јужна Кореја, додека не се донесе одлука за барањето за правна заштита, побарано од Врховното државно обвинителство.

Ова ја продолжува правната и политичката сага околу тој јужнокорејски државјанин кој чека екстрадиција во засолништето за странци во Спуз.

Апелацискиот суд на Црна Гора пред два дена ја потврди одлуката на Високиот суд со која се дозволува негова екстрадиција во Јужна Кореја.

Во последната од низата одлуки на црногорските судови се наведува дека барањето за екстрадиција во Соединетите Американски Држави е одбиено и дека оваа одлука е правно обврзувачка.

Бранителот на До Квон, адвокатот Горан Радиќ, тогаш за Бета изјави дека „очекуваат дека во согласност со конечната одлука на судот, До Квон ќе биде екстрадиран во Јужна Кореја во наредните денови“.

Тој тогаш рече дека преиначувањето на правосилното решение кое е во корист на обвинетиот не е можно освен со злоупотреба на положбата.

До Квон беше баран од двете земји за измама со криптовалути вредна најмалку 40 милијарди долари. На тој износ се проценува и штетата предизвикана на инвеститорите од падот на неговите криптовалути Луна и Тера.

Судовите во Црна Гора донесоа различни пресуди, од тоа дека треба да биде екстрадиран во САД, до онаа дека треба да биде екстрадиран во Јужна Кореја.

Аналитичарите во Подгорица сметаат дека ова е првенствено политички, а не правен случај. Пред парламентарните избори во 2023 година, поранешниот премиер Дритан Абазовиќ го обвини актуелниот премиер Милојко Спајиќ за врски со До Квон, што Спајиќ го негираше.

До Квон беше уапсен на крајот на март 2023 година на аеродромот во Подгорица, по потерница од Јужна Кореја.

На 16.06.2023 година бил осуден поради фалсификуван пасош со кој имал намера да отпатува за Дубаи со приватен лет од Подгорица. Поради тоа злосторство јужнокорејскиот „крал на крипто валутата“ отслужил четиримесечна казна во затвор во близина на Подгорица.

По отслужувањето на казната, До Квон е испратен во Центарот за бегалци за странци во близина на Подгорица, каде што сега го чека екстрадиција.

За фалсификување документи е осуден и неговиот соработник Хон Чанг Јон, кој заедно со него беше уапсен во Подгорица на 5 февруари годинава и екстрадиран во Јужна Кореја. мс/

Остани поврзан