• недела, 22 декември 2024

Одземени дозволи на две радија и една телевизија и изречени четири јавни опомени во третиот квартал 

Одземени дозволи на две радија и една телевизија и изречени четири јавни опомени во третиот квартал 

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) -  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во третиот квартал годинава донела три одлуки за одземање на дозволата за телевизиско/радио емитување и изрекла четири јавни опомени на радиодифузери. 

Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски денеска соопшти дека одлуките за одземање на дозвола  се за Радио Балкан, заради неплаќање на годишниот надомест за дозволата; за радиото Про ФМ, заради недоставување податоци за сопственичката структура, одговорниот уредник/уредници, изворите на финансирање, приходи и расходи и просечна слушаност во 2023 година и за ТВ Канал Вис - заради неплаќање на годишниот надомест за дозволата и неисполнување на минималните кадровски услови утврдени во Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола.  Во меѓувреме, посочи Трајчевски, ТВ Канал Вис, го платиле надоместот за дозволата и ги исполниле минималните кадровски услови, по што Советот на Агенцијата ја поништил Одлуката за одземање на дозволата . 

На третиот јавен состанок на АВМУ Трајчевски соопшти и дека Агенцијата во јули до Министерството за дигитална трансформација испратила коментари и дополнувања на доставениот скрининг Извештај на Европската комисија за Кластерот 3 за Поглавјето 10, како и ажуриран придонес за Годишниот извештај на Европската комисија за земјава. До Министерството за правда, пак,  доставени се забелешки и коментари на Нацрт- Извештајот за владеење на правото за 2024 година и на предлог-заклучоците на Европската комисија за 18-тиот Поткомитетот за правда, слобода и безбедност. 

Советот на Агенцијата изминатите три месеци донел и две одлуки за одбивање на барања за објавување на јавен конкурс за доделување на дозвола за радио и ТВ емитување.

- Едното Барање за објавување на јавен конкурс за непрофитно радио на регионално ниво, на подрачјето на град Скопје, е одбиено врз основа на Известување од АЕК дека за сервисната зона – град Скопје нема можност за определување на нова фреквенциска доделба.  Второто Барање за објавување на јавен конкурс за доделување на дозвола на национално ниво преку дигитален терестријален мултиплекс беше одбиено врз основа на Студијата за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс чии наоди покажаа дека не постои оправданост да се објави конкурс за доделување дозвола за ТВ емитување на државно ниво за програмски сервиси со: претежно забавен општ формат, претежно информативен општ формат и општ формат во кој застапените видови програми ги остваруваат сите три медиумски функции, рече Трајчевски.

Врз основа на доставено барање од заинтересирана страна за отворање непрофитно радио кое ќе емитува програма во подрачјето на Неготино, е изработена Студија за утврдување оправданост за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за радио емитување на ова подрачје, која покажа дека постои оправданост за објавување јавен конкурс.

Во третиот квартал годинава Советот на Агенцијата, заради констатирани непочитувања на законските одредби донел четири јавни опомени за радиодифузери од кои три за ТВ Гурра и едно за радио Про ФМ.  Донесено е едно решение за јавно опоменување и за исклучување на реемитувањето на програмскиот сервис за операторот Комбо 2003, поради реемитување програмски сервиси кои не се регистрирани во Агенцијата. Врз операторите на јавни електронски комуникациски мрежи извршени се вкупно 46 редовни програмски надзори. 

При редовни програмски и административни надзори врз петте национални радија и петте регионални радија, прекршување е констатирано само кај радиото Зона М1, поради не емитување на доброволно пријавениот процент македонска музика на дневно ниво, во периодот од 06:00 до 00:00 часот.

По добиени претставки од физички лица, извршени се два вонредни програмски надзори. Едната претставка се однесувала на серијалот „Приказната за Севда“ емитуван на ТВ Сител за која надзорот покажал дека нема прекршувања на правилата за заштита на малолетните лица. Втората претставка се однесувала на одредени телевизии кои несоодветно го применувале графичкиот приказ за предупредувачка сигнализација, што со увидот во програмата на телевизиите, како што соопшти Трајчевски, било потврдено. Агенцијата потоа испратила допис до сите медиуми со потсетување за правилната примена на предупредувачка сигнализација. лв/aa/

фото: АВМУ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан