• вторник, 19 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
3 октомври 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 септември. Денеска е Св. вел. мач. Евстатиј Плакида. Тој е голем римски војсководец за време на владеењето на императорите Тит и Трајан. Еднаш, гонејќи еден елен го слушна гласот Господов што го упатуваше да се крсти. Тој се врати од ловот и се крсти заедно со жената и двата сина. Кога дојде на истото место да ми се заблагодари на Бога што го доведе до вистината, пак му се јави гласот Господов и му прорече страдање за Христа. Тој тајно го напушти Рим и се насели во Египет. Кога варварите го нападнаа Рим за време на цар Трајан, овој испрати двајца офицери да го бараат големиот војсководец. По Божја помисла, тие го најдоа во Египет и му го доведоа на императорот. Евстатиј собра војска и ги победи варварите. Во меѓувреме цар Трајан умре и го наследи Хадријан. Кога Хадријан дозна дека Евстатиј е христијанин го фрли заедно со семејството во вжештен метален вол. Третиот ден ги најдоа мртви, но неповредени од огнот. Овој славен војвода го даде „на царот царевото, а на Бога божјото“ и премина во вечното Христово царство. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Фрањо Борџија. Роден е на 28 октомври 1510 година во Гендија, во Шпанија од родители кои му слугувале на кралскиот двор. Завршил школо и напредувал во службите кај кралот. По службената дејност морал да присуствува на отварањето на сандакот на убавата принцеза, 17 денови по нејзината смрт. Откако го видел нејзиното, порано многу убаво лице кое започнало да се распаѓа, Фрањо започнал да размислува за минливоста на овоземната убавина. Се повеќе размислувал за духовниот и задгробниот живот. Се поврзал со монасите Језуити, а по смртта на жена му, тој материјално ги обезбедил децата, го завршил школувањето во четириесеттата година, станал свештеник и успешен проповедник. ###

Остани поврзан