• недела, 22 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
12 јуни 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 мај. Денеска е Преподобен Исакиј Далматски. Овој Исакиј во четвртиот век беше монах-пустињак некаде на Истокот. Кога слушна за ереста на Ариј што го брануваше главниот град на империјата, ја остави пустината и дојде во Константинопол да учествува непосредно во борбата против аријанците. Во тоа време во Константинопол царуваше Валент. Кога овој се подигна со војска против Готите, Исакиј неколку пати го предупредуваше да ја ослободи црквата од ариевата ерес и најпосле му прорече дека ќе погине во борбите, што и се случи. А кога на тронот дојде Теодосиј Велики, кој слушна за ова пророштво, го повика при себе Исакиј и му се поклони. Во Цариград некој велможа му изгради манастир на Исакиј, каде светителот се подвизуваше до крајот на животот. Пред смртта му ја предаде управата на манастирот на некој Далмат, по кого и самиот манастир беше наречен Далматски. Свети Исакиј се упокои мирно во 383 година. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Иван од Факунда. Се родил во 1430 година во шпанската покраина Леон. Своето школување го завршил во шпанскиот град Саламанка. Сериозно се подготвувал за свештенички живот и за проповедничка служба. Станал познат како светец и како проповедник на Господовите зборови. Како голем миротворец, со своите проповеди се обидувал да ги смири несогласувањата меѓу луѓето во Саламанка. Покрај тоа, им помагал на болните луѓе и на сиромашните. Свети Иван умрел во 1479 година.

Остани поврзан