Одбележувањето на Бадник и Божик во Дебар продолжува, но со замрени традиции
- Одбележувањето на Бадник, денот пред Христовото раѓање, во дебарскиот регион не се разликува многу од другите делови на државава, но поради се помалиот број православни, веќе се губат некои традиции, како за овој, така и за другите православни празници.
Дебар, 6 јануари 2025 (МИА) - Одбележувањето на Бадник, денот пред Христовото раѓање, во дебарскиот регион не се разликува многу од другите делови на државава, но поради се помалиот број православни, веќе се губат некои традиции, како за овој, така и за другите православни празници.
На трпезата за Бадник се поставува само посна храна, а секако неизоставен дел е погачата со паричка.
- Погачата со паричка е задолжителна. На трпезата поставуваме, секој според можноста, но секаде има посно гравче тавче, сарма, маслинки, по можност баклава, оревчиња, костени, јаболка. Има и вино. Кога ја делиме погачата, првиот дел е за Господ, вториот за домот, па потоа за сите членови во семејството според возраста. Кому ќе му се падне паричката се верува дека ќе му донесе среќа. Откако го даруваме со пари, паричката ја ставаме во чашичка со вино, а утрото ја зема и ја става во паричникот и ја чува цела година, рече за МИА Јованка Василевска.

На првиот ден на Божик, додава таа, по посетата во црква, подготвуваме трпеза на која има месо, се собираме цело семејство, доаѓаат и децата кои сега живеат во други градови, зашто се уште ја почитуваме традицијата „каде и да си за Бадник и Божик дома да си“.
- Кај нас, како и нашите предци, за празникот не ги забораваме и починатите, чии вечни почивалишта ги посетуваме на Бадник, каде носиме ореви, костени, сок и пита со ореви, која ја правиме со потпечени кори, што мислам дека е единствен пример, посочува Јованка.
Како дел од старата традиција, некои семејства прават пита или како што дебрани ја нарекуваат виткан комат со паричка, но не за Бадник, туку за Василица, која кај семејствата кои биле поимотни таа била златна. Едно од тие семејства е и семејството Раички.

- Нашата фамилија не ја менува наследената традиција. Бадниковата трпеза е како и кај другите семејства, но виткан комат со паричка подготвуваме за Василица. Златната паричка е од нашите предци, чувана и предавана од генерација на генерација, рече за МИА, Милан Раички.
За жал, се помалиот број православни, кои, по број ги има помалку од стотина, претежно возрасни, некои традиции и за овој празник згаснаа.
Пред повеќе години, во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во горниот дел на градот, се собираа дебрани, се осветуваа бадникови гранчиња, кои ги земаа и носеа во своите домови, палеа оган, а празникот се дочекуваше со оро. До пред неколку години спроти Бадник во населбата „Венец еден“, каде што концентрацијата на православните беше поголема, се палеше коледарски оган.

- Убава традиција беше тоа, но ете и неа ја нема повеќе. На оној кому му се паѓаше паричката обезбедуваше топла ракија, овошје, нешто за замезување и погача. Потребното дрво го обезбедувавме заедно, како и бадникови дабови гранчиња, кои ги носевме во нашите домови. Неизоставни беа и дебарските зурли и тапани, па песната се слушаше и оро се виеше по неколку часа, со носталгија зборуваат дебрани.
Од 2019 година Дебар има бадникова поворка, во која учествуваат и деца од подрачјето на Река, како и оние кои се дојдени кај нивните баби и дедовци.
Пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ и носејќи во рака пештера – симбол на витлеемската пештера во која е роден Исус Христос, тргнува од кружнот тек во близина на општината, продолжува по главната улица „Осми септември“ до црквата „Света Петка“, во долниот дел на градот, каде ги дочекува отец Миле Ангеловски, кој учесниците во поворката ги дарува со пакетчиња. Бадникова поворка ќе има и денеска. вт/паг/
Фото: МИА