• петок, 22 ноември 2024

Одбележан празникот Цветници со изложба, поезија, музика и вино

Одбележан празникот Цветници со изложба, поезија, музика и вино
Скопје, 17 април 2022 (МИА) - Под расцутените јапонски цреши на улицата „Максим Горки“ во центарот на Скопје денеска напладне со културна манифестација организирана од друштвото „Гороцвет“ беше одбележан празникот Цветници. По тој повод уметникот и хуманист  Живко Поповски, попознат под псевдонимот Цветин, според својата мајка Цвета, изложи нови триесеттина цртежи со цвеќиња. Звуците на песната „Цреша“ од Тоше го направија воведот во настанот, на кој поетски збор зедоа поетите Мендо Димовски, Лидија Лучко Јеремиќ, Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе Ѓе, Лилјана Стоилковска, Илко Димитриевски Шарпланинец, Тања Стоилковска, Билјана Ѓоревска, Ванѓа Радевска, Викторија Велева, Даниела Царулеска, а беа прочитани стихови од Бистрица Миркуловска и нејзината ќерка Милица. Со гитари и традиционални македонски песни под црешите се славеше името Цвета, потоа манифестацијата продолжи во хотел „Сквер“, каде во музичкиот дел доминираа музичарите Ристо Лијаковски и Ване Арсов и неколку членови на хорот „Серенада". Таписерија со ликот на Мајка Тереза, Цветин и врачи на професор д-р Соња Бојаџиева, шеф на Катедрата на педијатрија на Медицински факултет, а таписерија со мотив од раѓање на Исус Христос, донација од Ванчо Боев, беше доделена и на највозрасниот поет Ѓе Ѓе. Настанот беше поддржан со присуство и на други познати личности, познатиот крводарител Миле Јанковски, шаховскиот шампион Димитар Илиевски... Беше упатена и порака за мир и апел против закана за употреба на нуклеарно и хемиско оружје во воени цели, а симболично на тоа беше надоврзано и пуштање на пет балони. Цветници е христијански празник во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот. Денот на празнување секогаш е една недела пред Велигден. рп/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан