• петок, 05 декември 2025

Одбележан патрониот празник на ООУ „Ристо Крле“ во општина Илинден

Одбележан патрониот празник на ООУ „Ристо Крле“ во општина Илинден

Скопје, 7 ноември 2025 (МИА) - Во основното училиште „Ристо Крле“ во населеното место Кадино, заедно со подрачните училишта од Мралино и Бунарџик, во свечена и пријатна атмосфера беше одбележан патрониот празник на училиштето. Настанот изобилуваше со бројни активности преку кои учениците ја изразија својата креативност и љубов кон знаењето, информираат од општина Илинден.

Во рамките на свеченоста, делегација предводена од градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, и делегација предводена од директорот на училиштето, Јовче Петковски, положиле свежо цвеќе пред бистата на патронот.

Овогодинашното одбележување беше под мотото: „Од детски сон, до идна професија – училишните клупи не создаваат само знаење, создаваат иднина!“ Преку богата и разновидна програма, учениците ги покажаа своите таленти и посветеност. 

-Ова одбележувањето на патрониот празник уште еднаш потврди дека ООУ „Ристо Крле“ е училиште кое негува традиција, знаење и култура, но пред сè, ја поттикнува љубовта кон учењето и ја гради иднината на своите ученици. Настанот беше симбол на заедништво меѓу учениците, наставниците и локалната заедница, кои заедно ја слават мисијата на образованието, се вели во соопштението од Општина Илинден. 

Фото Општина Илинден

Остани поврзан