• петок, 22 ноември 2024

Одбележани 80 години од Денот на народното востание – 11 Октомври

Одбележани 80 години од Денот на народното востание – 11 Октомври
Скопје, 12 октомври 2021 (МИА) - Во неколку градови во државата се одбележа 80-годишниот јубилеј од денот кога беше означен почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава. Државниот празник 11 Октомври вчера и завчера со свечена празнична програма беше одбележан во Прилеп, Скопје и Куманово. Делегации на државниот врв, општествено-политичките организации, Армијата, борците, дипломатскиот кор вчера во Прилеп положија цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените. Претседателот на државата во рамки на свеченоста во Прилеп истакна дека темелите на оваа држава се илинденски и антифашистички и оној момент кога тоа би го заборавиле, тогаш самите би работеле на уривање на единственото место на светот кое можеме да го наречеме свој дом. Пред нас, според него, е задачата да ги чуваме слободата и демократските вредности и посветено и одговорно да придонесуваме за соживотот. – Република Северна Македонија мора да продолжи да вложува напори да биде дел од прогресивниот свет притоа водејќи сметка за достоинството и на граѓаните и на државата. Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото и подигнување на квалитетот на животот, да ја вратиме надежта кај младите дека може да се остварат тука во својата татковина. И со тоа да целиме кон праведно и слободно општество на еднакви за какво што сонуваа нашите славни херои во чија чест сме денес сите ние овде собрани, нагласи Пендаровски од Прилеп. Според него, можеме да бидеме сигурни дека ако не бевме дел од антифашистичката коалиција, денес немаше да имаме своја држава. – Сите документи и манифести од НОБ, широката меѓународна поддршка и признание за нашата борба недвосмислено потврдуваат дека само како дел од антифашистичката коалиција можевме да дојдеме до своја и слободна држава, нагласи Пендаровски. Во честитка по повод државниот празник, претседателот на Собранието Талат Џафери вчера упати порака дека е важно лекциите од минатото да се научат и никогаш повеќе да не се повторат. Џафери нагласи дека желбата за слобода придонела во градењето на државноста. И затоа, како што посочи, „денес оддаваме почит на сите кои имаа удел во таа борба, за да можеме сите ние да ги уживаме благодатите на животот во слободна, силна и демократска држава, која од минатата година со членството во НАТО и самата е контрибутор во светскиот мир и поредок“. - Битно е, лекциите од минатото да се научат, да се запомнат и никогаш повеќе да не се повторат затоа што, поделбите никому не носат ништо добро и во овој свет само сплотеноста носи кон прогрес. Драги граѓани, Ви посакувам да имате убав празничен ден! Честит 11 Октомври – Денот на народното востание!, вели Џафери во неговата честитка. Одбележувањето на 11 Октомври почна завчера, во организација на Владата и Општина Прилеп на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, каде обраќања имаа премиерот Зоран Заев, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна од 1941-1945, д-р Никола Стојановски и градоначалникот Прилеп Јованоски. Заев во обраќањето до присутните напомена дека празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година прави подобра држава, поубаво место за живеење. - Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите космополитски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите, порача Заев во Прилеп и нагласи дека денес Северна Македонија е ценет и посакуван партнер, успешна приказна која започна да ја менува приказната на Балканот. Северна Македонија е препознаена и како инспиратор на еден нов Балкан, изјави Заев. Говорејќи за големината на овој празник Заев истакна дека нашите борци од народно-ослободителната војна, и сите наши претходни генерации, оние што ги вградиле своите дела и животи во слободата, ни ја дале државата како дом за сите, како дом на слободата. - Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите, истакна премиерот во својот говор. Во своето обраќање во рамки на одбележувањето на празникот во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Скопје, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби истакна дека на одбележувањето на 80-годишнината од Денот на народното востание, се сеќаваме на моментите од историјата што ги зближија народите да дејствуваат во служба на праведни цели за заштита на најскапоцената вредност на секој народ – слободата. – Благодарение на таа одлучност и храброст, оваа земја ја преживеа заканувачката бура на отуѓување и продолжи по патот да стане она што е денес, земја со демократски вредности, каде што еднаквоста и соживотот се основа за гарантирана иднина за напредок и движењето во чекор со евроатлантските вредности. Осумдесет години подоцна стоиме повторно заедно кон големите цели, за квалитетен живот, социјалната и економската благосостојба, кои имаат иста вредност како и императивот да се зачува слободата во тоа време, рече Груби. Императив на денешната генерација, посочи, е да продолжиме да ја пишуваме историјата на успесите, исто како што во текот на овие две децении, го потпишавме Охридскиот рамковен договор, Договорот од Преспа и ја интегриравме земјата во структурите на НАТО. – Заедно, работејќи и здружувајќи ги силите, почитувајќи се и помагајќи се едни со други, ќе ги унапредиме процесите, ќе ги надминеме предизвиците и ќе ја однесеме нашата земја, таму каде што припаѓа, во Европската Унија, додаде Груби. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов подвлече дека ако не беше 11 Октомври, ќе го немавме ни 2 Август ’44, а можеби ни 8 Септември ’91. Смета дека тој ден означи земјава да не биде квинслишка територија, туку напротив, жестоко упориште против фашистичкиот окупатор. – Со мудроста на македонското водство, единството на нашите народи и силата на нашето оружје го победивме фашизмот. За нашата слобода се изборивме сами, сами ги изградивме Скопје и Северна Македонија како суверена држава на единствени и горди народи, и никому, ама баш никогаш нема да дозволиме да ја чепне нашата држава, нашата тешко стекната, со крвта на нашите антифашисти платена слобода. Заедништвото на нашите луѓе, скопјани, Македонци, Албанци денеска ни е попотребно од кога и да било, претходно. Скопје е град на заедништвото, кој само заради слогата со која живееме, денес се претвора во модерна европска престолнина. И тоа е нашата најголема сила, баш како во времињата кога знаевме да се спротивставиме на окупацијата и фашистичкото зло, денеска се бориме за силно Скопје на горди луѓе, денес се бориме за европско Скопје, се бориме за силна Северна Македонија на нејзините горди граѓани, рече Шилегов. Со честитка излезе и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој нагласи дека 11 Октомври е ден кога слободољубивоста поведе и потоа победи. - Ако некои народи велеа дека е подобро да се живее на колена, отколку да се загине на нозе, нашиот народ реши да се исправи на нозе и да крене глава за слобода, и се запиша помеѓу народите предводници на антифашистичката борба. Ние им ја должиме слободата на тие што се избориле за неа, но им должиме и на идните генерации, нашите синови и ќерки, нашите внуци да им ја оставиме слободата каква што сме ја добиле. И да се бориме за напредок, за добар живот и за стабилност и сигурност за секој човек, истакна Мицкоски. Според него во време кога „повторно слободата ни се ограничува, кога се прават поделби, кога нема одговорност за никого и ништо, кога книгите завршуваат во депонија, кога луѓето не чуствуваат сигурност, кога со нашето наследство власта прави трговија, повеќе од сигурно е дека потребни се промени. - Партизаните, нашите втори илинденци залудно не газеа по снеговите, не се бореа и гинеа за слободата за да денес прелесно допуштаме поигрување со таквото наследство, врежано во колективната меморија на слободарските антифашистички народи во Светот, на чие наследство како Македонија имаме попно право да се повикуваме. Никој нема право, а најмалку тие кои ја водат државата, да внесуваат сомнежи, ниту поделби или да прават трговија со нашата колективна заслуга во борбата против фашизмот. Наша задача денес е да издвојуваме победа на разумот, на нашето право да создаваме нова иднина за нашите луѓе. Тоа е иднина темелена на морал и принципи. Нашите луѓе се пркосни, храбари, работливи и знаат што сакаат. Овој народ си ја сака среќата и местото под ова парче небо. И овој народ ќе се избори.  За многу години 11-ти Октомври. Вечно да се паметат хероите од Антифашистичката борба, истакна Мицкоски. мс/са/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан