• недела, 22 декември 2024

Објавен 10-от јубилеен број на „Дипломатскиот летопис“

Објавен 10-от јубилеен број на „Дипломатскиот летопис“
Скопје, 15 март 2021 (МИА) -  Дипломатскиот клуб - Скопје го издаде својот јубилеен 10-ти број на „Дипломатскиот летопис“ во кој се поместени авторски текстови, анализи, сеќавања и документација за дипломатијата, меѓународните односи и меѓународното право на наши и странски дипломати и експерти за овие области. Меѓу другите се освртите за дипломатите од земјава Лазар Мојсов, Луан Старова, Гане Тодоровски, Ахил Тунтев и други. „Дипломатскиот летопис“ е објавен по повод 50-годишнината од формирањето на првиот државен орган за надворешни работи на земјава, петгодишнината на издавањето на првиот број на „Дипломатскиот летопис“ и 10-годишнината од Дипломатскиот клуб. Во посебен дел на овој број се поместени и рефератите и прилозите од стручно-научната конференција. „Педесет години македонска дипломатија“, што се одржа во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија на 11 декември 2019 година. - И со овој број редакцијата на „Летописот“ продолжува со напорот за бележење на активностите на дипломатите и афирмација на нивниот професионален ангажман, а со намера пред македонската јавност и во дипломатскиот кор да се надополни една празнина со литература за оваа специфична активност на државите. Притоа на домашните и странските автори им е дадена слободата за нивно максимално, професионално и креативно изразување. Со тој пристап, покрај историското, фактографското, стручното и систематизираното третирање на дипломатските активности на нашата држава во минатото и денес, значително се збогатува дискурзивната понуда и мултидимензионалниот третман за одделни теми од меѓународните односи, соопшти Дипломатски клуб - Скопје. мд/сп/

Остани поврзан