• понеделник, 23 декември 2024

Објавен романот „Црвена вода“ на хрватскиот писател Јурица Павичиќ

Објавен романот „Црвена вода“ на хрватскиот писател Јурица Павичиќ

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) - Изадавачката куќа „Македоника литера“ го објави романот „Црвена вода“ од современиот хрватски писател Јурица Павичиќ, во превод од хрватски јазик на Катерина Богоева.

Романот „Црвена вода“ доби две високи книжевни награди во Хрватска и дури шест награди во Франција.

Во „Црвена вода“ е раскажана приказна за исчезнувањето на седумнаесетгодишно девојче кое го снемува во една септемвриска сабота во 1989 година по рибарскиот фестивал во мало гратче на далматинскиот брег. Полициската потрага не дава резултати, а околните политички настани – падот на систем, општествените промени и војната – го засенуваат исчезнувањето на девојчето кое за јавноста паѓа во заборав. Но семејството – таткото, мајката и братот близнак – се единствените кои сè уште ја бараат исчезнатата Силва. „Црвена вода“ е роман кој опфаќа период од 27 години и ја следи натамошната судбина на луѓето поврзани во исчезнувањето, од членовите на семејството, осомничените, до инспекторите на комунистичката милиција. Низ нивните судбини, романот опфаќа три децении од животот во Хрватска и ги отсликува општествените процеси, промени и состојби во земјата.

Романот „Црвена вода“, кој не е класичен криминалистички роман, е добитник на наградата „Фриц“ за најдобра прозна книга објавена во Хрватска во 2017/18 година. Добитник е и на наградата „Ксавер Шандрор Ѓалски“ на Хрватското друштво на писателите за најдобро прозно дело во 2017/18 година. Беше номиниран за наградата „Меша Селимовиќ“ за најдобар роман на штокавските јазици во 2017/18 година. Беше номиниран меѓу најдобрите пет хрватски романи кои се натпреваруваа за наградата на „Т-портал“ за најдобар роман во 2017 година.

Преведен е на германски, француски, италијански и на словачки јазик.

Јурица Павичиќ од Сплит е хрватска романсиер, сценарист, раскажувач и новинар. Книжевната репутација ја доби со своите раскази, трилери и криминалистички романи во кои ги меша општествената анализа со мрачната визија за човековата природа и сложените морални ситуации. Добитник е на повеќе книжевни награди. Негово најпознато и најнаградувано дело е романот „Црвена вода“ (објавен во 2017 година) посебно по преводот на француски јазик. бт/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан